Прилеп ќе биде една од ретките општини на Балканот која ќе има комплетен третман на отпадните води и ќе има најчиста река низ централното градско подрачје. Ова ќе се постигне со изградбата на пречистителната станица кој е првиот македонски проект, за кој се обезбедени средства од третата компонентна на ИПА фондовите на ЕУ во вредност од околу 14 милиони евра, а остатокот, околу 6 милиони евра, се обезбедени од државниот буџет.
Во првата фаза, се замени канализационата мрежа долга 23 километри, а во втората се очекува да се постават и да се заменат со нови цевки за одвод на фекална и дождовна вода во должина од 45 километри. Проектот е од исклучително значење за градот при што ќе се интензивира градбата во следниот период.
– Пречистителната станица ќе биде готова до крајот на годинава. Шестмесечното доцнење е поради технички проблеми, поврзани со изведувачот – константира министерот за животна средина, Нурхан Изаири, кој при посетата направи увид на теренот каде што се гради овој мега објект.
Изаири очекува во наредниот месец да се интензивираат работите.
– Тоа што е задоцнето, може да се надомести. Ако се интензивираат работите, како што велат изведувачите, тогаш до крајот на годинава, претпоставувам дека ќе ја имаме изградено станицата. Сега солидна е динамиката и работите се одвиваат поинтензивирано – изјави Изаири.
Пречистителната станица е проект вреден речиси 25 милиони евра, од кои 80 отсто се од европските фондови, а останатите ги плаќа државата.
Сашо Николоски, директорот на ЈКП Водовод и канализација, кое ги менаџира работите, вели дека паралелно со станицата се градат и 68 километри канализациона мрежа.
– Веќе 23 км. канализациона мрежа е изградена и тоа е првата фаза. Во втората етапа се градат 45 км. канализациона мрежа, која треба да биде готова до 2017 година. Станицата в година ќе се тестира, а целосно ќе профункционира во 2018 година. Изградбата на пречистителната станица е 9,2 милиони евра, првите 23 км. од канализационата мрежа чинат 6,2 милиона евра, а другите 45 километри чинат 7,6 милиони евра – вели Николоски.
Според градоначалникот Марјан Ристески, станицата е еден од најголемите зафати од заштитата на животната средина не само во пелагонискиот регион, а е посебно битна за градот.
– Пречистителната станица е од огромно значење, пред сé, околу прочистувањето на водите на Градската река, за заштитата на животната средина, за комплетното средување на внатрешната и надворешната инфраструктура во градов. Секако, чистата вода многу значи за земјоделството и производството на еколошки чисти производи – рече Ристески.
На координативниот состанок за проектот “Пречистителна станица” присуствуваа и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање како носители на проектот, претставници од договорниот орган CFCD од Министерството за финансии, претставници од Европската комисија, како и изведувачот на градежните работи, Лудвиг Фајфер, консултантската фирма IGIP како надзор на проектот, претставници од Локалната самоуправа и ЈКП Водовод и канализација.
Министерот за животна средина, Нурхан Изаири бил запознат и со тековните проекти кои се реализираат во Општина Прилеп.
![]()

