Атрактивни мерки во аграрот
– Поддршка и за нерегистрирани земјоделци
– Пари за осовременување на механизацијата за економично, профитабилно и конкурентно производство
“Земјоделците покажуваат огромен интерес за набавка на нова механизација, што е мерка од програмата за рурален развој. Изминативе години над 600 земјоделци ја обновија механизацијата, а интерес има и за сегашниот јавен повик кој е во тек”.
Ова го изјави Горан Томески од Агенцијата за унапредување на земјоделството, повикувајќи ги земјоделците да ги ползуваат шансите за да ја обноват механизацијата преку мерката за набавка на земјоделска опрема и механизација од програмата за рурален развој. Повикот е отворен до 20 февруари.
Според Томески, поволностите се уште позначајни, зашто барање можат да упатат и нерегистрираните земјоделци и тутунарите, со пријавено производство.
– Мерката е популарна кај земјоделците и секоја година средствата се искористуваат целосно. Од година во година расте бројот на баратели. Прилепските земјоделци се лидери во експлоатација на оваа мерка за поддршка. Во конкурирањето може да се вклучат сите призводители на житни и индустриски кулутури, во кои е вклучен и тутунот, фуражните култури, пред сé, луцерката, односно растенијата наменети за исхрана на стоката. За ова мерка се наменети 35 милиони денари. Министерството секогаш најдува начин за зголемување, согласно со можностите на фондот. Така се одобруваат 50 – 60 отсто од барањата. Аплицирањето е електронски и со поедноставена постапка. Агенцијата им помага на земјоделците да изготват квалитетни програми и инвестиците да имаат есап, односно да бидат економски оправдани и прифатени од платежната агенција – рече Томески.
Повеќе од 600 апликации се одобрени во минативе години, од кои половината се однесувале за набавка на трактори. За годинава, како и лани се очекуваат минимум 250 барања.
– Од 600 одобренија за земјоделците, повеќе од половината бараат нови трактори. Другиот дел е за приклучна механизација. Целта е да се обнови земјоделската техника и да се користат модерни ангротехнички мерки, зашто поголемиот дел, особено тракторите, се стари и по 30 години. Со новата механизација се зголемува продуктивноста, приносите и конкурентноста на земјоделците на пазарот. Но, се заштитува и животната средина – објасни Томески.
Агенцијата за унапредување на земјоделството за февруари најави нова мерка за поддршка на младите земјоделци. Почетниците, земјоделци, ќе може да добијат до 600 илјади денари или околу 10 илјади евра неповратна помош што е сериозна финансиска инјекција.
– Со сите овие мерки сликата во прилепските рурални средини, се менува, оти поголемиот дел од земјоделските семејства веќе имаат по еден, два трактори, зависно од обемот на работа, а вложуваат и повеќе време во едукација за примена на нови сорти, нова механизација за зголемени приноси. Продолжува и трендот на осовременување на механизацијата. Младите земјоделци и жените секогаш имаат приорет при бодувањето. Добиваат 30 бода повеќе како пресудни во одобрувањето на инвестицијата. При тоа важи правилото, кој прв доставил апликација, прв ќе биде услужен, во смисла дека ќе биде прв услужен кога ќе биде искористен прагот со бодување. Со 100 бодови би се одобрил предметот – вели Томески.
Градоначалникот Марјан Ристески ја нагласи поддршката што ја имаат земјоделците.
– Ги повикувам земјоделците да ги искористат сите овие поволни и позитивни мерки да се подобри ефикасноста на земјоделското производство и да бидат поконкурентни и како би ги зголемиле приносите. Тука влијаат и субвенциите што им ги дава Владата. Тоа е од голема важност за егзистенцијата на земјоделците, за подем на бизнисот, но и за развој на општината, оти се овозможува поголем прилив на средства цела година – рече Ристески.
Освен владините мерки за поддршка, на земјоделците им стојат на располагање и мерките од ИПАРД програмата. Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на ко-финансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 отсто од вредноста на одобрените трошоци за вложувањата. Ставката на ко-финансирање се зголемува кога барателите се млади земјоделци и кога земјоделските стопанства се лоцирани во подрачја со ограничени можности и недостапни рурални заедници до висина од 75 проценти.
![]()

