СИРЕЊЕТО ОД КАЈ ЏАГОРОВЦИ ПРИВЛЕКУВА И СТРАНЦИ

Сирењарница Џагор

Raskosna ponuda na sirenjeБлага Иваноска со желба да работи приватен бизнис, во 2007 година ја основала сирењарницата Џагор. Тргнала во бизнис водите со идејата дека основен прехранбен продукт на секоја трпеза, покрај лебот, се сирењето и јајцата. А ни името на фирмата не дошло туку-така. Џагор останало како традиција за семеен прекар, пренесен од генерација на генерација во нејзината лоза. Иваноска почнала со скромна понуда, најпрвин со фета сирење. За кусо време, охрабрена купила над седум буриња биено сирење. Среќата í се насмевнала, што за 2-3 дена сето го продала. 

– Сирењето како храна, млечен производ, ужива висок статус во кујните. Важен дел е од традиционалната исхрана, не само во градов, туку и воопшто на Балканот. Хранливата вредност не е само поради присуството на млечни белковини, мастите и нивни продукти, туку се должи и на изобилството на минерали и витамини. Свежото сирење е здрава храна, која секој треба да ја консумира. Ретко кој може да одолее на овој вкус – вели Иваноска. 

{AG}385/dzagor{/AG}

Низ годините, полека и сигурно, го проширувале асортиманот на млечни намирници. Денес, како плод на соработката со повеќе млекарници, во продавницата може да се купат над 17 видови сирење, подготвени по традиционален рецепт со необични вкусови. Најбарано им е биеното сирење. Не заостанува интересот за белото сирење, изработено од кравјо, овчо или козјо млеко, или пак мешано. За мераклиите на млечни преработки има изварка или урда. Дури и путер, па и кашкавал.

Надвор, пред дуќанот, на тезга секогаш сé е свежо. Плус нудат и домашни јајца, кои ги вклучиле во продажбата, оти им биле и во почетниот бизнис.

Нема кој не го вкусил сирењето од кај Џагоровци, кои се препознатливи меѓу муштериите. Од кај нив пазарат крушевчани, дури и скопјани. И странците се ќефлии за сирењето кое, од Прилеп, го носат на сите страни во светот. 

– Најмногу се бара биеното сирење. Поднебјето му дава на сирењето посебен вкус и шмект. Тоа останува и се памети. Го земаат и стари и млади. Придонес во потрошувачката имаат и цените, кои се пристапни во споредба со конкуренцијата. Во зависност од  муштериите, во палетата на понудата воведовме и посно сирење и изварок. Ги следиме барањата на потрошувачите. Тие се водилка во бизнисот – додава Иваноска. 

Мерак í е да помуабети со муштериите и секогаш ведра и насмеана да им понуди најдобри продукти, оти со чесност се гради доверба. А арниот збор далеку стасува. Без големи амбиции и претензии, се надева дека бизнисот добро ќе напредува. Со двајца вработени, планираат проширување на и така богатата понуда. Размислуваат за поголем продажен простор и за вклучување на повеќе работници.

Loading