Фудбал: Тргнаа подготовките
– Потенцирани прволигашките амбиции
Според договорениот термин, во неделата, стартуваа подготовките на Победа со вообичаената прозивка. Првиот поглед кон полната соблекувална дава голем оптимизам дека напролет може да се направи повеќе отколку есеноска. Битно е што ниеден фудбалер не замина (дури и Карчески за кого имаше понуда од прволигашот Турново), а четворица се новодојдени: Ристевски (Силекс), Наумоски (Металург), Х. Петрески (Гостивар) и С. Иваноски (Тетекс).
– Клучно за моето доаѓање се амбициите. Тука сум да помогнам колку можам по прволигашкото искуство минатата сезона, која ми е најдобра досега. Пред две – три години убаво поминав и во 11 Октомври. Осумдесет отсто од играчите ги познавам добро, квалитетот е висок. Пет бода разлика со водечките не е голема, оти се стигнува со две врзани победи – смета битолчанецот Кирче Ристевски.
Многу се очекува и од останатите. Христијан Петрески е повратник во средниот ред. Тука настапуваше до пред неколку сезони, беше и капитен. Последен негов тим беше Гостивар, а по паузата се активира во матичната средина. Стефан Иваноски, по одличните игри во 11 Октомври, минатата есен ја мина во Тетекс. Сепак зимава не ја пропушти можноста да се приклучи во тимот од родниот град. Може многу да користи во правилото за играч под 19 години. Јорданчо Наумоски, како и многумина, го напушти прволигашот Металург и првпат е во средниот ред на Победа, бидејќи порано настапуваше само за 11 Октомври.
– Средено е се околу преминот. Не исклучувам можност да се приклучи уште некој од Металург. Чувството е убаво, сите знаеме која е Победа и каде и е местото. Екипата има квалитет за прва лига, затоа í се враќам тука. Имаме добри и искусни играчи. Претстои тешка битка, оти целата лига е израмнета – вели Наумоски.
Претстои можеби најтешкиот, а за јавноста невидлив дел од работата на фудбалерите – зимски подготовки со многу трчање, кондициски тренинзи и вежби в сала. Тренерот Дарко Крстески со асистентите Дарко Вршкоски и Благоја Смоквоски апелираа на сериозност во извршување на задачите, на она ниво какво имаше досега. Од повозрасните, се очекува да го дадат примерот како треба да се однесуваат помладите.
– Порака до најмладите, ни требаат млади играчи, гледајте да се наметнете, да сметаме на вас. Сите новодојдени отстрана или овдешни, повратници, ќе ги прифатиме нормално, со очекување да дадат придонес во квалитетот, играта и однесувањето. Не е важна само играта на терен, туку и поведението. Низ работата ќе се запознаваме и ќе ги решаваме задачите. Мојата канцеларија е за секого отворена, за какво било прашање – порача Крстески.
Тренинзите се на терен и в сала до крајот на идната недела. Потоа можна е преселба до некој од туристичките центри за реализација на финалната фаза од подготоквите на Победа.
ТРАЈКОСКИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ
Во Дојран се одвива седумдневен тренинг камп од ФФМ за селекциите до 18 и до 16 години. Во помалата селекција до 16 години се наоѓа капитенот на пионерскиот состав на Победа, Лука Трајкоски. Овој надежен играч, голем талент, е меѓу седумтемина најмлади во сениорскиот тим кај тренерот Крстески. Останатите се: Котевски, Шафкулоски, Карапеев, П. Петроски, М. Димоски и Х. Трајкоски.
![]()

