Ракомет мажи
Спортската 2015 на екипен план ја одбележа ракометниот суперлигаш Прилеп. Второ место на есенската табела, ист пласман со младинците и кадетите. Во три категории извесен е настапот во плеј-офот. Публиката повторно гледа квалитетен ракомет. Милениците победуваат во спортска и чесна борба.
– Организациски функционираме беспрекорно. Малку луѓе сме, но сериозно работиме. Сите од срце го сакаме спортот. Поддршка се големи и помали фирми од Локалната. Вратата е отворена за бизнис секторот. Добредојден е секој нов спонзор. Целта е заеднички да го дигнеме клубот на највисоко ниво – вели секретарот Рубинчо Седлоски.
Оправдан се покажа секој вложен денар. Играчкиот кадар е инвестиција, можеби најсилниот што прилепскиот ракомет го имал последните десетина години. Голманот Раичиќ се покажа со по 15 – 20 одбрани на меч, бекот Шаренац голгетер, пивотот Секулиќ со пожртвуваност… Од домашните се истакнаа бековите Ангеловски, Бозароски, крилото Петкоски, пивотот Ѓорѓиески… Одлично се покажаа и најмладите Петрески, Јанески, Тодороски, Спасески. Тимот што победува обично не се менува.
– Нема покрупни промени, оти сите остануваат. Буџетот е утврден и нема место за дополнителни трошоци. Тренерот Томче Петрески има одврзани раце и продолжува со истите првотимци – заврши Седлоски.
Прозивката е кон крајот на јануари.
![]()

