ПАТУВАЊА ЗА МОРЕ ОД ЕМОЦИИ

Хорошо

horosoПочеток на нови авантури во светот кој е тука некаде, само треба да се избере дестинацијата, е такаречи новородената туристичка агенција “Хорошо”. Како што кажува и руското име, за добро да е! Имено, идејата за сопствена туристичка агенција долги години тлеела и зреела во младиот Александар Георгиоски додека студирал во Украина и 5-6 години работел на аранжмани крај црноморското крајбрежје. Магистерот по банкарство, корените го влечеле. Му “здодеало” да скита по светот далеку од блиските, и на граѓаните од родниот град íм понудил и тие да пропатуваат. Иако е новајлија на домашниот пазар, каде не негира дека има силна конкуренција, ветер во грб му е неколкугодишното искуство во Црна Гора. Георгиоски сакал прво да го запознае бизнис тлото, па потоа да се впушти во посериозни зафати, а начална идеја му било да воведе т.н. “ин камин туризам”.

{AG}383/2{/AG}

– Зрееше идејата долго време. Пет години работев во туристичка агенција во Црна Гора. Го осетив пулсот на туристите, претежно на руско-јазичните. Открив дека тоа е тоа што сакам да го работам и како бизнис. Понесен од руското, агенцијата ја крстив Харашо, што значи –  Добро. Замислата ми е да носам странски туристи во Македонија и да ја промовирам татковината. Рано е, и не е тоа толку едноставно. Мое е да пробам, а времето ќе покаже најдобро. Патувањата сé најубавото нешто што може некому да му се случат, оти се запознаваат нови култури, нови луѓе. Тоа е несекојдневна прилика да се доживее море од емоции, оти секое патување има своја приказна – кажува Георгиоски.

“Хорошо” се роди во силна желба која веќе дава резултат. Привлекуваат внимание новогодишните тури по доста прифатливи цени. Веќе се резервирани Будва, Лутраки, па и Истанбул.

– Пријатно сум изненаден од интересот дека полека ме прифаќа македонскиот пазар. Прво сакав да влезам во колосек, да се запознае бизнисот. Понудите се горе-долу исти, цената знае да биде клучна, но, пред сé, се контактите, комуникацијата, пристапот и услугата. Почетниот успех се должи на соработката со одбрани туроператори од државава – додава Георгиоски.

Сопственикот на туристичката агенција со руско име е вљубен во турата низ цела поранешна Југославија, оти ем има дестинации кои не се добројуваат, ем по екстра поволна цена.

– Воодушевен сум од понудата за патување во границите на некогашната СФРЈ, оти води низ минатото на една земја на братство и единство, непозната за нас помладите генерации, а најубаво сеќавање за оние кои ги поминале најубавите денови во младоста на тамошни екскурзии. Понекогаш не е битна дестинацијата, туку луѓето и културите кои се запознаваат, бидејќи се создаваат спомени, додека се истражува и открива непознатото – додава искусниот “талкач” по светот.

Најавува дека постојано ќе нуди аранжмани, не само за празници, туку во било кое време. Попустот и поволностите се загарантирани. Покрај патувањата со организиран превоз со автобус или авион, остава отворена можност и за личен превоз, како за индивидуални, така и за групни патувања, само да се оствари фантазијата на клиентите.

Loading