Постојат некои нешта, некои настани, некои состојби, кои предизвикуваат револт кај човека. Понекогаш, дури и гнев. Се разбира, нам главната тема ни е јазикот. Сме пишувале. Сме го искажувале своето мислење. Сме зборувале за тоа дека човек кога ќе појде да живее подолго време во друга земја, во друго јазично подрачје, првата обврска треба да му биде, да го совлада (барем приближно) јазикот на таа средина. На таков начин и подобро ќе комуницира со луѓето, а и ќе го манифестира својот однос, својата почит спрема односната земја. Велиме, така треба да биде. Но, кај нас, во Македонија, како да не важи тоа непишано правило. Сведоци сме дека во нашава земја живееле и се уште живеат луѓе од друго јазично подрачје, а не се обидуваат да речат ни “ДОБАР ДЕН” на македонски јазик.
Рековме дека сме пишувале, сме се искажувале за повеќе вакви случаи. Зошто сега пак? Интересно. Радосен е податокот кога ќе чуе или ќе прочита човек дека и некој друг има исто или слично размислување како неговото. Особено, ако тој “друг” е личност на високо интелектуално рамниште.
Колумнист во наш дневен весник. (Еве, овој пат се поклопија размислувањата) Висок интелектуалец. Го согледал проблемот и се зафатил да напише, да го искаже своето мислење, својот став, а и својот револт. Ќе приведеме подолг цитат од колумната:
“Поранешниот шпански ракометен репрезентативец, сегашен тренер на ракометниот клуб “Вардар” Раул Гутиерез Гонзалес, е роден во Валјадолид, што ќе рече градско дете. По година и половина откако дојде во Скопје, на официјалните конференции за печатот почна да го употребува македонскиот јазик, можеби во најсимпатичната форма досега видена во Македонија. Љубителите на ракометот, сигурно и оние на малите екрани, при телевизиските информации, забележале дека тој искрено се труди да најде вистински збор и го наоѓа. Колку и да е неправилно акцентиран, колку и да е поинаку кажан, поинаку да звучи, сепак е одмерен, прецизен и точен. Тој е единствениот спортски учител кој извикот – АЈДЕ-АЈДЕ го воведе како нов слоган во спортскиот живот во Македонија и тоа на европско ниво, да го чуе цела Европа. Необичноста е во тоа што извикот на македонски јазик се упатува кон играчи, кои не се Македонци и што најчесто донесува позитивен резултат”.
Долг беше цитатов но не можевме да го одбегнеме. Сме ги слушале и сме ги гледале и ние изјавите на Раул Гонзалес. Да, но никако не сме можеле да останеме рамнодушен. Тој човек, можеби немал и чуено за Македонија пред да дојде во Скопје, тој човек чиј мајчин јазик нема никаква врска со македонскиот, тој човек се труди да зборува и зборува на македонски јазик. Тој манифестира љубов спрема својот клуб а ја изразува својата почит спрема земјата во која моментално живее. Ги слушаме неговите изјави и не можеме да останеме рамнодушен, па дури и солзи навираат во очите. Да, солзи радосници. А каков револт, каков гнев предизвикува тоа кога ќе слушаме наши тренери, Македонци, да велат УТАКМИЦА (наместо натпревар), ПРИПРЕМИ (наместо подготовки) и така натаму.
Раул Гонзалес е спортски учител кој го воведе извикот – АЈДЕ – АЈДЕ! Одлично! А каков револт предизвикува тоа, кога слушавме наш, македонски селектор на ракоментата репрезентација да ги бодри своите играчи со извикот – АЈМО – АЈМО?! Тоа е, всушност, скратена форма од српското – АЈДЕМО – АЈДЕМО.
Критики и револт предизвикуваат и многу други тренери кои години и години живеат и јадат леб во Македонија, а кога ќе треба да дадат и најкратка изјава, потребен им е преведувач. И тоа е одраз на нивната култура и нивниот омаловажувачки однос спрема народот од земјата во која живеат.
Сепак, Гонзалес не е осамен. Има и други. Просторов не ни дозволува да набројуваме. А оние другите, неодговорните, тие се недобројни.
Браво Гонзалес! Поздрав! QUERIDO AMIGO ! SALUDO !