НАТЕНАНЕ МАШКИ МУАБЕТИ ДОДЕКА СЕ РАЗУБАВУВАТЕ

Берберско студио Крис

Ozivuvaat berbernicite kako omileni mesta za doteruvanje na mazite - AndonoskiВо време кога постојано се отвораат модерни и гламурозни студија за убавина, низ вените на 23-годишниот Кристијан Андоноски тече поривот за еден од најстарите занаети, берберството. Неодамна отвореното берберско студио Крис е вистинско место за сите кои сакаат да побегнат од женските озборувања и гужви околу ваква шминка, вакви нокти. Во салонот на Андоноски важат правилата од дамнешно време за берберниците, некогашните омилени места за дотерување, но и за социјален живот на мажите. Инаку, Андоноски по диплома е фризер за жени.

– Сакав вистински салон само за мажи и враќање на старото доживување на берберниците како место за опуштање и дружење во малку поинаков амбиент. Концептот на ваквите салони постои во светот веќе подолго време и многу се популарни. Има и луѓе кои сакаат да се бричат на стариот начин. Занаетот ме привлекува, оти е многу поинаков од стандардните салони со женски списанија. Берберот врши само три услуги за разубавување, конкретно на мажи – стрижење, бричење и обликување на брадата. Мажите, кои имаат стил, ќе можат да се дотераат, но и да помуабетат. Ќе разговараме на машки теми, ќе правиме вистински машки фризури – објаснува Андоноски.

Желбата тлеела така речи уште од 10 години, кога на темата за писмена “Што сакам да бидам”, одговорил фризер. Ужива да работи со ножиците и машинката во рака, небаре некоја магија пренесува од рацете на овој инструмент, а клиентите тоа го илустрираат. Почетоците биднале во домашни услови, пострижувајќи ги роднините и пријателите. По мала пауза, откако отслужил и војска, се вратил на занаетот. Фактот дека муштериите биле задоволни и продолжиле да ги бараат неговите берберски услуги, иако во скромни услови, го охрабрило да се осмели во бизнис водите со сопствен дуќан.

– Се чувствувам слободно, како тоа да е тоа, нештото што го барав и што ме исполнува, да можам да се изразам целосно. Магијата доаѓа од визијата, талентот и сето тоа со доволен труд и работа, се пренесува на рацете, а рацете магијата ја пренесуваат на ножиците и машинката. Овдешните 8 саати не ги сметам како работа, туку како дел од себе, оти тогаш не мислам ни на лошо, ни на  добро, а времето лета – додава “запаленкото” по берберскиот занает.

Задоволен е што се прибрал во опремен работен простор, оти тоа привлекло повеќе муштерии. Влијание има и прифатливата цена за сечиј џеб. Ја “украл” довербата и на најмалите, што редовни за потстрижување се деца од 4-6 години. Од повозрасните како најповолни за берберски услуги, прв на листата е 70 годишниот дедо. Возраста за берберот Андоноски не е граница, туку единствен предизвик се желбите на муштериите. А првите клиенти, кои имале страв и недоверба од “берберот почетник”, сега станале стални. Неговата визијата пред сé е задоволен клиент со пружање добра услуга во пријатно опкружување. Во таа насока вложува максимално знаење и труд. Следи трендови, претежно од идолите Шорен берберс од Холандија, придружувајќи се до старото правило за 8-14 машки т.н. ретро фризури.

– Најсреќен сум кога муштеријата заминува задоволен и пак се враќа. Пред сé гледам да им удоволам на клиентите, оти тие секогаш се во право. Моите влијанија да не бидат во преден план, туку совет за нивните барања, оти тие се оние кои се среќни, задоволни или разочарани. За да бидеш успешен, треба постојано имагинација. Треба и константен интерес и од себе и од муштериите – додава Андоноски.

Берберницата постепено ја декорира во ретро стил, со цел поавтентично дотерување. За пооригинални услуги, ќе набави и мијалник. За оние кои го разбираат и се интересираат за берберскиот занает, ја остава отворена можноста за проширување на бизнисот. 

Loading