Ракомет
Екипата на машкиот суперлигаш Прилеп влезе во најдобрата форма и веќе постигна три врзани победи, последната дома со 28-24 против Борец. Не беше лесно, оти се влезе лабаво во мечот, а отпорот на велешаните беше скршен дури во последните две минути. По 24-24 беа постигнати четири гола за убедлив резултат. Екипата покажа сила и без неколку стандардни првотимци кои одмараа, како голманот Раичиќ заменет од Божиновски, потоа Андреиќ, Бозароски и Петкоски, додека Турченко влегуваше само за седмерци. Од младите сé повеќе се истакнуваат Петрески и Јанески. Претходниот дуел е искуство повеќе дека нема место за потценување на противниците, а такво нешто не смее да се дозволи викендов на гости кај Металург 2. Домаќинот е последнопласиран со еден бод, но не значи дека е немоќен да се спротивстави ако му се дозволи. Сериозноста е нужна во моментот кога претстои шанса за четврти триумф во серија. Евентуална победа го носи тимот блиску до вториот Охрид, кој е пред пораз од фаворитот Металург.
Табела: Металург 33, Охрид 27, Прилеп и Работнички по 21.