ПРВА ЛИГА СО ДВЕ – ТРИ ЗАСИЛУВАЊА

Фудбал: Дарко Крстески, тренер на Победа

Imame sansi za vrvot - Darko Krsteski– Пожелни се нови во сите линии од тимот

Со поразот во Кичево со 2-1 од Велазерими заврши есенскиот дел од Втората лига, каде Победа е петта меѓу 10 тима. Постигна четири победи, седум нерешени и три порази. Заедно со Љубанци, Македонија и Велазерими има најмногу постигнати голови (19), а после Тетекс, Пелистер и Скопје има четврта одбрана со примени голови (15). Втора е гол – диференцијата (плус четири). Ова е само статистика, а стручното толкување е на тренерот Дарко Крстески.

Доволни ли се 19 бода за средина на табелата?

– Добрата страна е што сме на достижна разлика само од пет бода до водечките Љубанци и Македонија ЃП. Напролет со два врзани триумфа сме кон врвот. Недостига нијанса да бидеме понадмоќни, оти се виде дека сме моќни. На ниеден меч не сме биле надиграни. Потфрливме дома со Велазерими и тоа во второто полувреме. На сите други мечеви сме имале контрола врз играта.

Слабата страна на тимот?

– Не даваме до знаење дека одиме на победа и дека сме фаворити, да почувствуваат на своја кожа противниците. Затоа се случија многу нерешени. Поведувавме 1-0, и наместо офанзива, се повлекувавме. Примавме некој евтин, несреќен гол. И Македонија ЃП со еден шут нé победи. И прекинот беше во нивна полза, оти останатите 20 минути ќе го свртевме резултатот. Не жалам за пропуштеното, гледаме напред.

Каква е лигата, по квалитет?

– Изедначена. Нема тим што отскокнува. Најмногу го ценам Тетекс. Овде не прикажаа многу, а ни зедоа бод. Таму подобро одиграа, а им дадовме три гола и ги победивме. Има солиден фонд на играчи, водени од добар стручнак од помладата генерација, Михајлов. Играат без осцилации и се мошне дисциплинирани во целиот тек на играта. 

Каков е планот за паузата?

– По состанокот со управата ќе бидеме појасни. За прва лига се потребни две – три засилувања. Посакувам освежувања на секоја линија, со акцент на навалата. Гешоски го ценам, даде максимум. Потребен е уште еден како него да му помогне. Нужен е раст на конкуренцијата во екипата. Имавме многу картони, секогаш и повредите се составен дел и не смееме да останеме со недоволен број играчи.

Аломеровиќ тренира, но дали сигурно се враќа?

– Ако беше наш, есенва ќе имавме барем пет бода повеќе. Очекувам управата да се договори со него. Има и други квалитетни играчи, но не можат да го издржат товарот од големото име на Победа. Аломеровиќ може. Со него сме друга екипа.

Табела: Љубанци и Македонија ЃП по 24, Тетекс 22, Пелистер 20, Победа и Еуромилк 19, Велазерими 18, Скопје 17, Гостивар 13, Кожуф 9.

Гешоски голгетер

Во есенската полусезона, Гешоски е најдобар стрелец со шест гола. Зад него е Шаркоски со три, а со по два се Дунимаглоски, Крстески и И. Мирчески. По еден гол дадоа Мегленски, Карчески, Колевски и Николовски. 

Loading