Одбележан меѓународниот ден на лицата со посебни потреби
– Се комплетира сензорната соба за деца со аутизам во ОУ „Климент Охридски“
Во одбележувањето на меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, 3 декември, со цел подигнување на свеста за целосно и еднакво уживање во човековите права на лицата со инвалидитет во друштвото се приклучија и ОУ „Климент Охридски“, Дневниот центар Ѕуница и здружението Порака.
Денот е посветен на специфичните потреби на сите оние лица кои имаат пречки во физичкиот или психичкиот развој, како што се лица со оштетен вид, со оштетен слух, со пречки во гласот, говорот и јазикот, телесно инвалидни лица, аутистични, хронично болни лица и лица со повеќе видови на пречки.
Во изминатите 10 години во ОУ „Климент Охридски“ се вложени повеќе од стотина илјади евра од проектите на локалната, Владата, бизнис секторот, како и помош од родителите, значително да се подобрат условите за едукација на децата со посебни образовни потреби во некогаш најруинираното училиште. Во таа насока е и сензорната соба, наменета претежно за децата со аутизам, но и за сите со одреден хендикеп.
Годинава во посебната паралелка при ОУ “Климент Охридски” има 41 дете.
– Бројот на ученици секоја година се движи од 40-45. Понекогаш се зголемува до 50 деца. Сензорната соба ќе помогне во поуспешно интегрирање на учениците со посебни образовни потреби и во секојдневниот живот – вели директорот Дарко Јовески.
Градоначалникот Марјан Ристески најави комплетно опремување на сензорната просторија до февруари, истакнувајќи дека средствата од традиционалниот Светиниколски турнир во мал фубал ќе бидат насочени за опремување, а средства ќе бидат одделени и од буџетот на локалната.
– Работата и успехот со овие деца е заеднички успех, зашто сите заедно – локалната самоуправа, бизнис секторот, вработените во ваквите центри, родителите како и добронамерните граѓани, на ваков или таков начин несебично помагаме, нудиме максимален напор и вложуваме во подобрувањето на условите за едукација и што побрзо социјализирање на децата со пречки – рече градоначалникот Ристески, упатувајќи апел да се помагаат секогаш децата за да се чувствуваат како сите.
Во Ѕуница, во дневниот престој за децата со хендикеп постојано расте бројот на деца чие секојдневие се разубавува со вклучување во бројни активности. Установата за анимирање на децата станува препознатлива и е пример за другите центри во државава. Домашна атмосфера и топлина најдуваат 22-25 деца во дневниот центар. Шест дефектолози водат грижа за децата.
Неколкуте подароци во торти за Денот ги разнежнија срцата на децата.
– Со организирањето манифестации по разни поводи и поради тоа што нé посетуваат различни групи – ученици, организации, се отстрануваат стереотипите на заедницата кон децата со хендикеп. Сé поголем е бројот на деца кои го минуваат денот во забава и едукација во дневниот центар, задоволство е да се виде едни да заминуваат, а други да се вклучуваат во нашите програми – рече Снежана Јованоска, од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи.
Насмевките на лицата на децата со посебни образовни потреби и желбата да се дружат се добредојдени за разубавување на секојдевнието не само при одбележувањето на разни манифестации посети и прослави. Без разлика дали е 3 Декември, Нова година, 8 март или родендени, на овие деца им е нужно внимание.
– Убаво е чувството кога се помага, кога се дарува од срце да се оди напред, да се извлече максимумот од секое дете. Нé запознаа и нé бараат родители додека престојуваат во дневниот центар, затоа што има напредок во секој случај – вели дефектолог Татијана Јакимовска.
Дваесетина млади од здружението Порака, преку делење флаери на минувачите низ центарот, испратија порака да се подаде рака за поддршка на лицата со интелектуална попреченост, едновремено подигнувајќи ја свеста за нивно прифаќање и социјализација.
– Децата се среќни што шетаа надвор. Радосни се што некому можат да подарат нешто, па макар и флаер. Целта е овие деца да излезат на површина во јавноста за да се сфати дека и се исти како другите, но имаат одредени потреби што не можат сами да ги обават. Реакцијата е одлична. Немаме отпор од граѓаните, сакаат да земат флаери од децата, сакаа дури и да се сликаат со нив – вели Снежана Стојкоска, родител на дете со интелектуална попреченост и секретар во Порака.
Според Светската здравствена организација, речиси една милијарда луѓе, околу 15 отсто од светската популација, живеат со некој вид хендикеп. Во Македонија има околу 200 илјади лица со посебни потреби.
![]()

