Трибина „На Македонија ѝ треба твојата идеја”
– Со идеите и предлозите, граѓаните ја креираат програмата на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори 2016-2020 година
„Граѓаните се помудри од партиите и тоа ќе го кажат на изборите на 24-ти април. ВМРО-ДПМНЕ е партија која ја добива силата од народот и која работи проекти, мерки и реформи за народот. Така досега работевме, а така ќе биде и понатаму.”
Ова го истакна Зоран Ставревски, вицепремиер и министер за финансии и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на трибината.
Од Прилеп, партијата на власт ја започна серијата трибини низ земјава, во рамките на кампањата „На Македонија ѝ треба твојата идеја.” Новите идеи од граѓаните ќе бидат разгледани, со кои ќе се заокружи предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори за периодот од 2016 до 2020 година.
Во обраќањето пред прилепчани во Центарот за култура „Марко Цепенков”, вицепремиерот Ставревски рече дека 2015 година беше релативно тешка година, со премрежија, наметнато од политичари кои не им сакаат добро на граѓаните. Сепак, политичката криза влегува во завршница.
– Граѓаните ќе бидат ослободени од грчот и притисоците кои се чувствуваа врз стопанството. Граѓаните нé не избраа да гледаат како се напаѓаат политичките партии, туку да слушнат решенија за подобар живот. Единственото можно решение државата да тргне напред се предвремените парламентарни избори. Граѓаните се помудри од партиите. Тоа ќе го кажат на изборите на 24-ти април 2016 година – рече Ставревски, нагласувајќи дека поддршката се дава врз основа на сработеното.
Досега, како што посочи вицепремиерот, главен акцент се ставаше на економијата. Посочи на проектите реализирани од Владата на ВМРО-ДПМНЕ и успесите што ги постигна во изминатите години. Напомена дека невработеноста од 38 е намалена на 26,8 отсто.
– Намалувањето на невработеноста во Македонија и во Прилеп останува главен приоритет на ВМРО-ДПМНЕ. До 2006 г. Прилеп беше еден од градовите со голема невработеност и немаше поддршка од централната власт ниту за нови инвестиции, ниту за подобрување на локалната инфраструктура. Успеавме да донесеме инвеститори во Прилеп. Како резултат на напорите и економскиот стимул на Владата, успеавме да ја внесеме големата инвестиција Гентерм, која, според бизнис планот, очекуваме да отвори 1500 работни места во кои директно ќе се вработат. Тоа нема да го реши проблемот, туку ќе го ублажи. Всушност за семејства со 3-4 членови со тие 1500 вработени ќе се обезбедат подобри услови за 4000-5000 семејства. Во разговорите со инвестирот во Дрекслермаер да се вработи извесен број луѓе од Прилеп, излегоа во пресрет и сега стотици прилепчани се вработени. Има побарувачка и за нови вработувања. Очекувам и нови инвестиции. Најзначајно е слободната економска зона каде очекуваме Гентерм и останати инвеститори да отворат фабрики и нови работни места. Со реформите, со ниските даноци и со подобрување на регулативата и новиот стил на работа, успеавме да ја донесеме Македонија на 12 место во светот, според индексот на бизнис (според оценката на Светска банка), според условите за водење на бизнис. Ако сакаме да имаме нови работни места, треба да има нови и странски и домашни инвестиции. Македонските бизнисмени со кои се среќаваме во Прилеп и насекаде имаат најниско даночно оптоварување, што покажува дека нашата политика не е да ги земеме парите од стопанството и да ги ставиме во буџетот, туку да ги оставиме на фирмите да инвестираат и да отвораат нови работни места. Во фаза сме на разговори со голем број странски инвестори за отворање фабрики во внатрешноста на држвавата – истакна Ставревски.
Вицепремиерот потсети дека Прилеп успешно реализираше голем број проекти. Изграден е влезот во градот. Решено е прашањето со водоснабдувањето. Инвестирани се 15 милиони евра за реновирање, реконструкција на водоводната мрежа и изградба на бунари за подобрување на водоснабдувањето. Со средства од централната власт изградени се три спортски сали и една е во тек на градба. Реновирани се училиштата. Во тек е проектот за пречистителната станица со 30 милиони евра. Прилеп има најголем број легализирани објекти. Околу 8000 семејства го решиле прашањето за легализација на сопствените имоти.
Потсети и на мерката за отписот на долгови, која произлезе од граѓани со стари долгови за струја и за други јавни услуги, кои им ги отпишаа фирмите, а на кои државата им ги отпиша обврски во еден дел кон неа за данок. Така, околу 15 илјади семејства добија отпис на 30 милиони евра долгови.
КОМПЛЕТНО РЕНОВИРАЊЕ НА БОЛНИЦАТА
Објавен е тендерот за реконструкција на болницата, кој е во завршна фаза. До крајот на годинава ќе биде избрана фирма за реновирање на болницата, за што се наменети 90 милиони денари. На тој начин за 5-6 месеци, болницата ќе има финансиска сметка која нема да биде блокирана или оптоварена, која ќе има реновирани простории, реновирани прозорци, подови, осветлување во болничките соби, мебел, лифтови и друго, со што целосно ќе се стави во функција набавената медицинска опрема.
– Во Прилеп една од работите која требаше порано и подобро да ја направиме е состојбата во болницата, каде работите не беа добри и прилепчани со право критикуваа. Најважна опција е дали можеме да ги подобриме состојбите и граѓаните да имаат подобри услови во болницата. Конечно после две ипол години успеавме да ја деблокираме сметката во болницата, што е првиот крупен исчекор кон подобрување на состојбите. Го истакнувам ангажманот на градоначалникот, пратениците и претседателот на Советот. Имаме акциски план за регулирање на обврските кон доверителите. Болницата како објект не ги исполнуваше стандардите во град како што е Прилеп, кој заслужува многу повеќе. Дополнително е предвидено набавка уште на еден мамограф. Тука е и реновирањето и набавката на нова опрема во Здравствениот дом – нагласи Ставревски.
Во последните 3 години во болницата и во Здравствениот дом реализирани се околу 40 нови вработувања. Воедно, во изминатиот период се трансформира работниот однос на лицата кои претходно волонтирале.
Вкупно 8000 лица во државава добијаа решенија за траен работен однос.
ИМА ПАРИ ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ
За земјоделците се обезбедени средства со буџетот за 2016 година.
– На земјоделците во Прилеп и прилепско, пред сé на тутунарите, в година навреме ќе им бидат исплатени субвенциите. Досега само во Прилеп се исплатени преку 100 милиони евра субвенции и ќе продолжиме. Граѓаните не смеат да бидат обесправени, туку секој од нив треба да го добие заслуженото. ВМРО-ДПМНЕ останува отворена партија за граѓаните, и во тешки и добри времиња бевме со вас. Годинава имавме поплави и истиот или наредниот ден дојдовме тука. Со ВМРО-ДПМНЕ знаете на што сте. Ништо во животот нема без макотрпно работење. Само така ќе го направиме животот подобар, а Македонија подобра земја – истакна Ставревски.
Тој посочи дека не треба да стравуваат ниту пензионерите, ниту административците за исплатата на примањата. Владата води грижа за пензионерите кои добија 621 денар зголема пензија. Просечната пензија достигна раст за 70 отсто во однос на 2006 година.
ЕКСПРЕСЕН ПАТ ГРАДСКО – ПЛЕТВАР
Владата ќе гради експресен пат до Прилеп.
– Како новогодишен подарок за Прилеп ќе биде почетокот на градба на патот од Градско до Прилеп. Околу Нова Година почнува со градба на експресен пат со 4 ленти, по 2 ленти на секоја страна, на нова траса во најлошиот дел околу клисурата, а во другиот дел ќе има сериозно реновирање и поправање на кривините, така што ќе биде многу побезбедно патувањето – најави вицепремиерот Ставревски.
Според него, за инвестиции, потребно е да се поправи инфраструктурата.
МАКЕДОНИЈА ВРАБОТУВА
До април идната година, вицепремиерот Ставревски очекува со проектот “Македонија вработува” да се достигне до 15-20 илјади нови вработувања.
– Мошне добри резултати дава проектот “Македонија вработува”, од пред 6-7 месеци. Се олеснува вработувањето на лица од различни старосни категории. Од април досега 9335 луѓе во Македонија обезбедија работа преку овој проект. Посебно важна е структурата на тие луѓе – првата (до 27 г.) и втората категорија (30-35г.) – околу 6100 лица се луѓе до 35 години, од кои повеќе од половина се помлади од 27 годишна возраст. Има околу 1000 лица и во останатите категории. Третата категорија се над 50 до 58 години каде имаме околу 1400 вработувања на лица кои се над 50 годишна возраст. Околу 450 вработувања се на лица над 58 годишна возраст. Тие луѓе и оние кои се над 50 години немаше никогаш да добијат шанса да бидат вработени, ако не беше оваа мерка, што ни е посебно драго дека повозрасните, оние кои некогаш биле одлични работници во македонските фабрики кои беа затворени со приватизацијата, со оваа мерка добија шанса за вработување – рече Ставревски.
Владата го реализира проектот преку ослободување на работодавачите од плаќањето придонеси за лицата.
ИДЕИ ОД ПРИЛЕПЧАНИ
Прилепчани предложија да се изгради хидросистем и во кривогаштанско, да се отвори нова градинка за сместување на деца од предучилишна возраст, да се изгради нова зграда за театарот, затворен базен, да се реставрираат автентичните објекти во старата прилепска чаршија, да се доизградат локални патишта во населените места кои не се опфатени.
Граѓаните кои присуствуваа на трибината изнесоа и благодарност од досегашните реализирани проекти со кои им се подобри животот.
Токму од вакви средби и трибини, произлегоа многуте проекти, вградени во досегашните програми на ВМРО-ДПМНЕ, а беа дадени од граѓаните. Тоа се легализацијата на дивоградбите, можноста да се откупи дворното земјиште по едно евро од квадрат, намалувањето на акцизите за да може да се купат половни автомобили и многу други идеи.
![]()

