ПАК БЛЕСНА ЛЕГЕНДАРНАТА СЛАТКАРНИЦА ШАР

Во современ амбиент се негуваат традиционални вкусови на десерти и повеќе модерни торти во продукција на наследниците на стариот мајстор

Sampiti kako nekogas od  Sepko Isaki vo slatkarnicata SarСтарата палета на традиционални слатки, збогатена со нови десерти во новостарата слаткарница Шар побудуваат спомени. Низ сјајните стакла пак се “смеат” со мискојната што се разлева од умешно завитканите тригони полни ореви, разлистените и крцкави кори на баклавите, заруменетите и потурени со шербет тулумби, шампитите, индијанките, еклерите, парчињата чоколадна торта или рафаело… И боза предизвикува жед, а чашата освежувачка лимонада се поти и лете и зиме.

Novo ruvo na stariot SarПак никна старата авангардна слаткарница Шар за ситиот да не може да одолее. Од привлечно наредените блескави витрини, ѕиркаат слатките наредени под конец, од кои и дијабетичарите си го подлижуваат усните со јазикот. Нозете заминуваат сами да се задоволи страста за слаткоблаго, подготвено од трите генерации потомци на семејството Исаки, а пробано од неколку колена прилепчани во слаткарницата кај хотелот Скопје. А пред тоа и во објектот зад старата автобуска станица, каде се ставија темелите на историската приказна. Се памети минато на првата љубов со боза и еклер, трајно се врежани моментите со саканата девојка или момче со еклер и лимонада.

Незаборавните мигови се пренесуваат кај децата и внуците. Кај помладите бубрат времињата на тинејџерските години. Со децата седнуваат на слатките во модерниот амбиент на сјај и блесок на светлина, враќајќи се на младоста. Повозрасните доаѓаа дури со внуците, раскажувајќи ги пријатните времиња на своите потомци. Се сеќаваат на лудите години на мегдани во јадење на табла со шампити или тепсија тулумби за одредено време.

I nekogas i sega na isto mestoВкусот е истиот како во 1963 година и денес, при последното отворање на вратите. А дедото Расим Исаки пред 52 години тргнал со подготовката на татлии, слатки, да ја смени навиката на прилепчани да се облажуваат само со сутлијаш, шеќерпаре и пудинг со мирис на ванила во неколкуте државни слаткарници. Поставените стандарди биле мерка за квалитет и за потомците. По неговите стапки, совладувајќи ги тајните на занаетот, напорно продолжиле да се движат по трасираната патека и стекнатиот углед и синовите Сејран и Касо. Пишувале не само семејни страници, туку го обележале градот со полувековната книга, викана слаткарница Шар.

Некогаш младиот, а сега искусниот носител Себко Исаки од третата генерација, како пред 35 години, и денес го има насекаде, и во услугата, и меѓу келнерите, и во просторот за подготовка на слатките. Меша шеќер, јајца, брашно, путер, матка кремови, пече материјали според рецептите на дедо му. Ü дава инструкции на сопругата, да се дотераат слатките по дедовата и татковата формула. Од време навреме го посетува брат му од странство да “провери” дали прецизно се дизајнираат и декорираат слатките како што ги правел татко му и дедо му. Но, затоа тука се марифетите на искусните раце на чичкото Касо.

– Се нудат традиционални слатки по старите рецепти и нови подготвени на модерни машини кои го зголемуваат квалитетот и ја олеснуваат работата и ефикасноста. Муштериите го препознаваат вкусот. Но, не се откриваат деталите. Носечка е традицијата, мајсторилакот, дарот, генот. Тоа е семејно наследство, кое се негува – кажува Себко, израснат со слатките.

Првите помодерни слатки, како еклерите и индијанките, се продукција на слаткарницата Шар. Семејството никогаш нема да се покае што тргнало да го вади лебот во слаткарството. Тоа им е живот. И како што вели Себко, пак да се роди, пак ќе одбере да биде слаткар, да ги облажува граѓаните, зашто смета дека тоа е благородна работа на создавање ќеф, особено кај мераклиите на десерти, не само на традиционални, туку и на современи. 

Синонимот за десерти, Шар, прерасна во слаткарско стебло на корените на Расим. И децата на Себко ги следат трагите на своите предци.

Loading