БОСАНСКИ – БОСНЕНСКИ

ivce1Прелистувајќи по кратките записи на Блаже Конески, сретнавме наслов: “Со Исак Самоковлија во Полска”. Зборува Конески за некаква посета на делегација од Сојузот на писателите на Југославија во Полска. Објаснува дека водител и преведувач им бил извесен Ценцек, босненски Полјак. Значи, тој бил Полјак од Босна. Ни падна в очи придавката БОСНЕНСКИ. Никогаш пред тоа не сме слушнале и не сме ја прочитале. Почнавме да размислуваме. БОСНЕНСКИ!!! Па тоа е точно, тоа е правилното, така треба. А зошто ние велиме БОСАНСКИ, а не БОСНЕНСКИ. Се колебаме, но јазичното чувство не води по таа насока – БОСНЕНСКИ.

За да го поткрепиме таквото мислење, бараме слична именка, именка што завршува со наставка НА и што е двосложна. Тешко ни одеше тоа. Сепак, си спомнавме за именката КРЕСНА. Двосложна е и завршува со наставка НА. А Кресна е место во Бугарија (Пиринска Македонија). Познато на сите. Најмногу познато по Кресненското востание. Нели така го знаеме? Нели така го викаме – КРЕСНЕНСКО ВОСТАНИЕ, а не КРЕСАНСКО. Овој податок ни го потврди размислувањето. Именките БОСНА и КРЕСНА се многу слични по својата форма. И сега, зошто придавката изведена од КРЕСНА да биде КРЕСНЕНСКА, а зошто од именката БОСНА да биде БОСАНСКА, а не БОСНЕНСКА. Сакавме веднаш да пишуваме, сепак, се расколебавме. Блаже Конески ја напишал придавката БОСНЕНСКИ, но можеби е тоа некаква случајност или евентуална печатна, техничка грешка. Сакаме да најдеме уште некоја потврда со која ќе го оправдаме нашето мислење. Не е убаво да се пишува ако човек не е сосема сигурен. Придавката БОСАНСКИ (босанска) е толку употребувана, толку слушана и пишувана што сега навистина би било илузорно да се тврди дека е погрешна. А погрешна е. Расте неспокојот. Ние мислиме едно, практиката кажува друго.

По подолго време најдовме сигурна потврда за нашево толкување. Чудно е како и досега бегало од нашето внимание. Сретнавме објаснување во текст на Благоја Корубин, личност во која безверно веруваме. А тоа го препорачуваме на сите. Ретки се кај нас во Македонија таквите добри познавачи на македонскиот јазик, а и добри практичари. Неправедно е што неговото име е подзаборавено. Прилеп, неговиот роден град, треба да му го даде заслуженото место. Но, сега да го оставиме тоа. Да се вратиме на придавката БОСАНСКИ (босанска, босанско) и нејзината употреба.

Во еден свој напис Корубин зборува, објаснува за формите на некои придавки. Поопширно се задржува на придавката изведена од именката Букурешт. Дали треба да биде БУКУРЕШКИ и БУКУРЕШТАНСКИ. Ова сега нема да нé интересира. Го споменуваме поради тоа што во истиот напис е забележана и придавката босански. Тој вели: “Босански, како што е во српскиот јазик”. А нагласува дека би можело и БОСНЕНСКИ. Значи, вели дека би можело и БОСНЕНСКИ. Ние би рекле дека треба, а не само дека би можело. Но, каква е ползата од тоа дека би можело или дека би требало. Според правописот не е така сторено. Како норма е утврдена српската форма – БОСАНСКИ, БОСАНСКО, БОСАНСКА. Штом е така утврдено значи дека не се допушта формата (што е правлина) БОСНЕНСКИ, БОСНЕНСКА, БОСНЕНСКО. Тешко тука може сега нешто да се стори. Значи, сево што го напишавме не може ништо да измени. А тогаш, зошто го пишуваме? Да, не може ништо да измени, знаеме. Но го пишуваме за да го изразиме својот револт. Ова не е единствен случај каде човек дури и не е свесен дека се посегнало по нешто туѓо. Наместо да создаваме наши зборови, според нашите јазични норми, ние сакаме наготово.

Безгранична е нашата негрижа, неодговорност, па и инфериорност. Нашето не чини, туѓото е поубаво.

Loading