Мажи
Како треба да се однесува публика на спортски меч, пример за учебници е таа која до последното место ја исполнува салата во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“. Веќе две години, откако таму игра машкиот ракометен тим на Прилеп, е милина за сите актери на теренот. Во саботата на дербито со Металург уште при претставувањето на екипите, громогласни поздрави беа упатени не само кон домашните, туку и за гостите, особено на тренерот Червар и на голманот Дупјачанец. Гостинскиот чувар на мрежата по седум години пауза се појави пред публиката во родниот град и одлично помина. Одбрани 12 удари, доволно колку да даде голем придонес кон победата на својот тим од 27-32. На три минути пред крајот го напушти теренот испратен со долготрајни аплаузи. И екипата на Прилеп достојно се претстави против големиот фаворит. По две недели претстои гостување на Радовиш.
Табела: Металург 21, Охрид и Работнички по 18, Вардар ј. 15, Прилеп и Радовиш по 12.