МИСЛОВНА МАПА ЗА ПОЛЕСНО УЧЕЊЕ

ОУ „Гоце Делчев“

MIslovna mapaНаставниците од ОУ „Гоце Делчев“ користат разни методи и техники за креативно размислување, правејќи ја наставата ефективна, додека учениците збираат трајни знаења. Наставничката Ирена Наумоска со “марифетот умна мапа” го олеснила учењето на новиот вокабулар за исхрана на француски јазик. Преку мисловна мапа, т.н. Les aliments – Carte mentale, сликовито го прикажала речникот на таблата. Така децата брзо ги научиле поимите, небаре од шега.

– Техниката е практична за визуелно претставување на комплексни прашања како вокабуларот. Учениците лесно ги откриваа релациите меѓу поимите. Покрај креативното и логичкото размислување, им  јакне и меморијата – вели Наумоска.

Често користи и бура на идеи, грозд, коцка, знам, сакам да знам, научив, инсерт, пауза за разјаснување, стоп, минутна работа, на кои учениците реагираат позитивно, а учењето француски им е како песна.

И  Билјана Андрееска Ѓеоргиеска, вградува методи, како бура на идеи, аквариум, вртелешка, за полесно совладување на градивото по биологија.

– Најмногу сакаат самостојно да ја изработуваат мисловна мапа, преку која го претставуваат планот на часот – додава Ѓеорѓиеска.

На часовите по македонски јазик, наставничката Билјана Јагуриноска, техниките ги прилагодува според наставната материја и возраста и дали учат ново или повторуваат.

– Кај шестоодделенците во подрачјето литература и лектира “популарни” се скелетниот приказ, петоредот, табелата за предвидување, измешани секвенци, дневник со двоен запис. За јазик користам грозд, венов дијаграм, табела на поими, сложувалки… За изразување и творење – имагинација, бура на идеи, прозорец. За повторување се организираат тимови, игри и натпревари. За поголемите ученици се техниките агли, коцка, вртелешка, литературни кругови. Некои се користат во сите три фази, а некои  само во одреден дел од часот, како во фазата евокација – кажува Јагуриноска.

Часовите по физика се поинтересни и полесни со техниките коцка, грозд на наставничката Соња Димовска.

– Најчесто ја користиме Знам, сакам да знам, научив, преку која учениците претходните знаења ги поврзуваат со новата наставна содржина, прашуваат, дискутираат и извлекуваат заклучоци што научиле – кажува Димовска.

Речиси целиот наставнички колектив користи планирани методи и техники, било индивидуално, било во мали групи, или со цела паралелка.

Loading