ОУ „Блаже Конески“
Вкупно 475 ученици од прво до петто одделение од ОУ „Блаже Конески“ беа на ЗД кино во автобус, да го следат еко филмот „Хероите на рециклирањето“. За три дена се “изредија” сите, а филмското утро први го стартуваа учениците од подрачното училиште во Варош. Станува збор за проект на Пакомак во програмата Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем. Во друштво на познатиот Ивце Пивце како водител, опремени со 3Д наочари, имаа несекојдневно доживување „затворени“ во еко автобусот на Пакомак да ги продлабочуваат знаењата и да откриваат нови видици за заштитата на животната средина. Ги „избркаа“ наставниците да можат на раат, без покажување, да играат квиз по принципот на милионер, означувајќи ги точните одговори според она што го „научиле и виделе“ во филмот. Немаше крај на задоволството. Од радост го „кренаа“ автобусот. Ем се забавуваа, ем се едуцираа.
Директорката, Марија Дулевска, смета дека на прекрасен начин учениците се запознале со различните аспекти на екологијата. Необичниот метод несомнено влијае на подигањето на еко свеста.
![]()

