Познати добитниците на наградите Трети ноември
Општината Прилеп на трети ноември со пригодни манифестации ќе го одбележи денот на ослободувањето, при што на свечена седница на Советот ќе бидат доделени традиционалните награди за животно дело, плакети за институции и дипломи за поединци кои дале голем придонес за развојот на градот. Познати се веќе и добитниците на наградите кои ги доделува Комисијата за одбележување на празници, манифестации и доделување на награди и признанија.
Наградата за животно дело ќе им биде врачена на уметниците Виолета Блажеска и Богдан Грабулоски за 40 години уметничко творештво и развој на ликовната уметност во градот.
Наградите – плакети одат кај ТИРЗ за посебен придонес во полето на подобрување на бизнис климата и состојбата во стопанството на национално и локално ниво, Здружение на инвалидски пензионери за обединување на пензионерите во остварување на економската, социјалната и културната свера на живеење, на Институтот за тутун за научноистражувачка дејност и унапредување на тутунопроизводството, ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”, заради достигнувањата и прикажаните резултати од инфраструктурен, организациски и воспитно-образовен карактер, ТВ Канал Визија – регионална дигитална телевизија, за навремено и објективно информирање за актуелните случувања, на Салида како респектабилна и брзорастечка компанија, Здружението за ридско-планински активности, рокенрол и добра чашка “Велосипед 2015”, за афирмација и развој на планинскиот велосипедизам и алтернативниот туризам, Здравствен дом како модерна и современа здравствена установа, Фурната Алекс, како општествено одговорна компанија, СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”, заради достигнувањата и прикажаните резултати од инфраструктурен, организациски и воспитно -образовен карактер и на РК Прилеп за високо постигнати резултати на државно ниво и афирмирање на ракометот.
Наградите – дипломи „Трети ноември” одат во рацете на Неждет Мустафа, министер без ресор во Владата на Република Македонија – национален координатор на декадата на Ромите 2005-2015, Петар Јованоски – Калинче (бербер) за придонес во развојот и зачувување на занаетчиството, Лилјана Ѓорѓиоска – активист и ентузијаст во здружението Преродба, Димко Спиркоски – прв професионален пилот и промотор на воздухопловните дисциплини во Прилеп, Благоја Костоски – Чакра, за долгогодишна активност во планинарското спортско здружение Козјак и кај Методија Ѓуроски (Клучар Цако), за придонес во развојот и зачувување на занаетчиството.
Плочи за Џумерко, Јанчуле …
Советот на Општината се очекува да донесе одлука на деветнаесетте плочи на патеката на славните прилепчани кои оставиле траги во културното битие на градот, да се додадат уште неколку. Станува збор за неодамна починатите, актерот Благоја Спиркоски – Џумерко и диригентот на градскиот дувачки оркестар Илија Јанчулески. Од извори на локалната самоуправа дознаваме дека на патеката ќе се приклучат и имињата на ликовниот уметник Илија Кавкалески и музикологот Властимир Николоски.