Стогодишнината од раѓањето на народниот херој Мирче Ацев се одбележа со свечена акедемија во библиотеката, организирана од гимназијата “Мирче Ацев”, касарната и ОРОРМ. Гимназискиот хор ја изведе химната, а претседателот на ОРОРМ, д-р Ѓорѓи Малковски прочита реферат за животот и делото на Ацев. На најдобрите гимназијалци им се доделија награди на литературниот конкурс за 100 годишнината. Првонаградена е Милена Трајкоска, второто место го освои Симона Пашоска, а трета е Теодора Тасевска. Во честувањето се вклучи и КУД “Мирче Арце” со сплет на македонски ора и песни.
Градоначалникот Марјан Ристески најави поставување на споменик на народниот херој во центарот. Беше положено цвеќе пред спомениците во гимназијата и касарната, како и на Могилата на непобедените и пред бистите на Алеата на народните херои.
НЕПРЕБОЛ
Револуционерите сметаат дека нивната судбина е запишана…
Дека секое нивно дело е плод на пожртвуваноста…
Дека она што можат да го направат е за доброто на својата земја…
Навраќањето во минатото е посилно од нас. Тоа е како магија што нé тера и денеска да рошкаме во пепелта на “Бесповратната убавина”.
Дневниците водени од командантите даваат автентични податоци за војната и револуцијата. Тие не само што се рамка во која се вградени доживувањата, душевните немири, туку и бранувањата на неколку борци – херои. Револуцијата била величествена пресвртница во сите нишки на општеството и на човекот во него. По силата на дејствието на нејзините закономерности кај секој поединец потиснувала сé она што може нејзе да í служи, а од секого барала да í го подари највредното што го поседува, во прв ред човештината, животот. За магичната моќ на Војната и Револуцијата во едно интервју се вели: „Луѓето ја чистеа душата во огновите на Војната, та блескотеше витешката човекова убавина…”. Не смее и не може да се заборави она што било. Ние, денес, во името на достоинството и почитта, во името на мугрите и светлината на минатото на едно време: на непокор, затвори, пепелишта, бесилки, маршеви, офанзиви, боишта, стоиме пред спомен обележјето на човекот, на херојот, кој како борец имал само 28 години кога загинал, а што е дел од тоа време – Мирче Ацев. Зборуваме за моралниот лик на херојот, тешкотиите, за страдањата кои ги претрпел. Него го хранеше борбената химна, песната за истрајноста, цврстата волја за слободата. Издржуваше, бидејќи го имаше најсилното оружје – љубовта кон сопствената земја, кон човекот. Татковината му беше неговата немирна душа, слободата – неговиот здив, а среќата – денешната иднина.
Македонијо,
Ти не си име прочитано од книга,
Ни збор чуен од дедовци,
Ти си:
Крв, коски и отров
Крв, коски и мајчино млеко…
Во најтешките моменти песнава го храбреше, го убиваше стравот, го подигаше за момент изгубениот морал и секогаш беше “крик на пркосот и верата”. Мирче Ацев имаше голема љубов кон земјата, родната земја, слободата која не ја дочека, но за неа пожртвувано се предаде немоќен, скршен, ту попуштајќи í на смртта, ту совладувајќи ја. Беше скромен, самокритичен, храбар, со мисли отворени и чисти. Неговите дела се само мигови на животот. Едно дело, една повест. Повеста на делото е запишано во историјата и вечноста. Исконскиот вруток на животот уште еднаш ја покажа својата скриена чистота која блика од корените на постоењето, од праизворот на егзистенцијата. Доближување до муграта, се насетува пулсот на борецот, ја доживуваме трагиката на нашиот јунак. Како ерупција што бликнува од вулканот, така одѕвонува животот на херојот отворајќи му нови патишта на денот. Сé е како во сон. Но, сонот овојпат беше јаве. Слободата беше тука, може да се почувствува, да се види. Ореол на чистота на душата и свежина на убавина. Победата пулсира во нашата крв.
Како што девојката му се радува на цветот кога е во нејзините коси, така и ние и се радуваме на нашата убава и златна слобода.
Крвавото минато остави големи траги во сеќавање. Раните од борбата се непреболни. Сеќавањето за Мирче Ацев, херојот кој падна за слободата, борецот што не сакаше нашиот народ да биде притиснат со синџирите на ропството, е сé уште свежо и не може толку брзо да се заборави. Затоа, денес кога во нашата земја грее сонцето, се сеќаваме на него.
Стојам пред твојата биста.
Во раката стискам роза.
Во мугрите рано ја скинав.
И еве, тебе нежно ти ја подарувам.
И се прашувам: “Кој ли ја зеде младоста твоја? Кој ли се осмели младоста да ти ја открадне – проклет да е!”
Нешто си замислен, а во твоите очи гледам како жар да гори.
Ти ги читам мислите, другар мој сакан, а од очите потекуваат солзи по тебе.
Знам не можеш да ја видиш птицата што прелетува и убава песна ти пее. Не го чувствуваш ветрето што те милува.
Другар, твојата недопеана младост не ја дочека пролетта исполнета со љубов. Сонцето како витез на коњ исчезнува зад далечните брегови. Ноќната пеперутка го прекрива небото со ѕвезди што те милуваат. Без тебе муграта тажно осамнува. Тажно е без тебе, хероју мил.
Но, горди сме што те имавме тебе. И, гледај розата солзи по тебе рони.
Сонцето изгрева и за тебе убава песна насекаде се пее…
Благодарение на она што го имаме ти праќаме поздрав цветен од срцата наши сплетен.
Милена Трајкоска