ПЛИСНА ИНВЕСТИЦИСКИ БРАН

Во индустриските зони

Intenzivno se gradat  fabriki vo zonata Prilep 1-  Risteski i investitorot Naumoski– Се градат фабрики во зоната Прилеп 1 и претстои продажба на плацеви за мали фирми кај  Сточното пазариште

Додека се гледаат контурите на новиот производствен објект во индустриската зона Прилеп 1 на трикотажата Тритекс за 300 работници, компанијата за кондиторски производи Донија речиси го завршува својот нов објект во непосредна близина. Уште неколку фирми интензивно креваат челични конструкции, ставаат темели, ги покриваат со термоизолациони покриви фабриките во градба, а некои ја чекаат проектната документација да ги ангажираат изведувачите и да ги активираат кредитните аранжмани. Во легална процедура се оттуѓени сите 20 големи парцели за изградба на објекти за лесна незагадувачка индустрија. Ветер во грбот на бизнисмените за поддршка во инфраструктурата е локалната самоуправа. Веќе се вложени над половина милион евра во инсталациите за вода, канализација, струја и телефонски и интернет врски за новите фабрики до кои се пристапува преку асфалтни улици. Бранот на инвестиции наскоро ќе плисне и во зоната Прилеп 2 кај Сточниот пазар. Веќе се нудат пет парцели од илјада до две илјади метри квадратни од сите 11, за сервисни работилници и за мало стопанство. Потенцијалните вложувачи ги бараат податоците за пријавување и наддавање на претстојната електронска аукција во почетокот на ноември, зашто локациите се привлечни, а и почетната цена од едно евро за метар квадратен е примамлива за подолгорочни инвестициски потфати. Истовремено, брмчи градежна механизација и врие работници во технолошко индустриската зона Алинци. Финишира градбата на инфраструктурата, финансирана од државата, и од американската компанија Гентерм во фабричките објекти за нивната инвестиција од неколку милиони евра во Македонија за производство на делови за автомобилската индустрија. Потврда дека за скоро време ќе излезат првите продукти на Американците од Алинци се веќе завршените обуки на неколку стотини работници во Украина и новите огласи за ангажирање на нова група вработени.

Раде Наумоски од трикотажата Тритекс објаснува дека со новата хала од четири илјади метри квадратни ќе создаде можност за проширување на производството, главно насочено за извоз во Германија и монтажа на модерна техника.     

IMG 8888– Ако ја задржиме динамиката, халата ќе биде готова во средината на идната година. Планираме 300 вработувања. Условите за бизнис се добри, само потребно е многу работа. Во новиот погон ќе ги користиме новите владини мерки за вработување. Само градбата чини околу 1,2 милиони евра, а за машините сé уште немаме калкулација. Пласманот е обезбеден низ Европа, претежно во Германија. Во моментов се ангажирани околу 280 вработени – вели  Наумоски.

Зоната беше планирана во договор со стопанската комора, поради зголемените потреби за проширување на постојните капацитети и за нови објекти на бизнис секторот.

– Плацевите ги купија домашни фирми. Се градат 6-7 објекти. Очекуваме 1500-2000 нови вработувања. Вложивме над половина милион евра за инфраструктурата. Градот продава нови парцели за мали и средни претпријатија кај индустриската зона Прилеп 2 за 700-1000 нови вработувања. Се окончува подготвката на теренот за големата инвестиција на Гентерм со преку 2000 вработувања во Алинци. Таму се подготвуваат плацеви за потенцијални домашни и странски компании кои би одлучиле да инвестираат. Со сите зони се задоволени потребите на стопанствениците. Општината нуди услови и простор за реализација на развојните компоненти на стопанството, за проширување и осовремнување на капацитетите, за вработување и за подобрување на локалната економија – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Агенцијата за вбработување им нуди на работодавачите активни мерки и програми насочени кон намалување на невработеноста и поттикнување на вработувањата.

– Многу е користен проектот на Владата, “Македонија вработува”. Очекуваме повеќе вработување до крајот на годината. Веќе 300 работодавачи ангажирале 420 невработени. Паралелно течи кредитирањето на мали и средни фирми, финансиската поддршка за фирмите, вработувања со неповратни средства, проектите за практиканство, обуки за познат работодавач со субвенционирање… Многу можности за продолжување на тенденцијата на пад на невработеноста – вели Силвана Пашоска, раководител на Агенцијата за вработување.

Според последните податоци, во Прилеп има околу 15 илјади невработени, од кои 9.000, главно среднисти, активно бараат работа. 

Loading