НАШ, АМЕРИКАНЕЦ, ЌЕ ГРАДИ ФАБРИКА ЗА КОНЗЕРВИРАН ЗЕЛЕНЧУК

Кај селото Славеј во општината Кривогаштани  

– Инвеститорот ќе го адаптира просторот за третата фабрика во некогашното земјоделско училиште, покрај кој ќе се крене и бензинска пумпа со сервисно – услужни и сместувачко – угостителски објекти

– Поранешен гастербајтер од Австралија, кој досега инвестираше во трговија, гради пекарница во Кривогаштани

Kkrivogastani napadnat od investitori - Toni ZatkoskiНаскоро ќе никне уште еден производствен капацитет за преработка на зеленчук во индустриската зона Славеј, во општината Кривогаштани. Тоа ќе биде трет погон во комплексот каде веќе постои една фабрика за откуп и преработка на пиперки и во тек е подготовката за градба на вториот објект на фирмата Стефан од Воѓани во соработка со домашни партнери. И други вложувачи го разгледуваат регионот и бараат дејности погодни за бизнис. Со неколкуте зафати и реализацијата на најавените развојни потфати, се очекува драстичен пад на невработеноста.

Инвеститорот на новиот производствен објект е македонски бизнисмен од Америка со потекло од долненско. Градоначалникот на Кривогаштани, Тони Заткоски, прецизира дека инвеститорот веќе го купил објектот на поранешното средно земјоделско училиште за 80 илјади евра. Станува збор за старата зграда со површина од околу илјада метри квадратни со приземје и кат и околу два хектари околно земјиште.

– Нашиот сонародник веќе отвори фирма во Македонија, која ја управува неговиот внук. Со намера е да го адаптира просторот и да инсталира опрема за конзервирање зеленчук, главно пиперки. Не е исклучено, плацот да прерасне во производствено преработувачки капацитет. Околното огромно земјиште од неколку десетици хектари можно е да го преземе по пат на концесија за производство на градинарски култури за преработување и за пласман во странство. Намерите му се да гради и технички центар за поддршка на земјоделците, со бензинска пумпа, сервис за земјоделски машини и трактори и сместувачко угостителски објект. Зоната Славеј такаречи се исполнува со погони – објаснува Заткоски.

Турски инвеститори ќе садат пченка?

Тој открива дека и други потенцијални инвеститори ја меркаат околината со намера да организираат производство на фуражни култури.

– Турски бизнисмени од областа на аграрот фрлија око на над стотина хектари државно земјиште во атарот на селото Славеј кон селото Средорек и Вранче. Тие се со ниет да организираат производство на пченка по најсовремени методи. Во околината има и жива вода за полевање со системот капка по капка. Општината веќе помага со плаќање на трошоците за испитување на педолошкиот состав на земјиштето за утврдување на култури и сорти кои одговараат за организирање на најефикасно производство. Тоа не е сé. Во близина на Кривогаштани, бизнисмени од Дубаи ги испитуваат можностите за градба на сточарска фарма за одгледување на неколку илјади крави и преземање под концесија на земјоделски површини на неколку стотици хектари за производство на земјоделски култури за преработка во сточна храна – кажува Заткоски.

Во овој контекст е и податокот што во Кривогаштани се гради и нова пекарница во некогашниот руиниран простор на дисперзираниот погон на фабриката за чевли “Борка Левата”. Вложувањето пак е на наш сонародник од Австралија, кој нашол интерес да ги адаптира просториите и да биде поконкурентен на производителите на леб од околината.

Повисок стандард со современо земјоделство

Таткото на Кривогаштани е оптимист за економските перспективи на општината. Постојано е во контакти со потенцијални инвеститори во сите домени, почнувајќи од оние кои негуваат интерес за преработувачки капацитети за зеленчук, сé до оние кои ги меркаат пространствата не само за земјоделски активности, туку и за градба на индустриски капацитети. Не седи со скрстени раце. Не мирува, да ги чека инвеститорите во канцеларијата. На различни начини неуморно трага по инвеститори кои ги анимира и им ја помовира општината. Паралелно ги одржува врските со домашните земјоделци, упатувајќи ги на стручни консултаци за употребата на модерни агротехнички мерки во производството за раст на продуктивноста и економичноста, а со тоа и продукцијата и заработувачката. Општината подари десетина оранжерии за производство на пиперки да ги насочи земјоделците во предностите на модерните техники кои обезбедуваат висок квалитет и зголемени приноси и намалени трошоци. Ефектите веќе се видливи. Сé повеќе земјоделци ги прифаќаат бенефитите. Вложуваат во усвојување на ефикасните и проверени модели. Површините ги подготвуваат за производство под пластеници, наместо да ги остават на Бога и под ведро небо. Во тој контекст е и градбата на најмодерниот сточен пазар во земјава чија завршница се очекува наскоро.

Богатото и огромно производство на градинарски култури и тутун е извор за привлекување инвеститори, кои бараат поволни локации за правење бизнис и профит. Кривогаштани е примамлив регион, зашто располага со погодни климатски услови. Покрај природни предимства со квалитетна почва, околината располага и со квалификувани и искусни човечки ресурси. Не за неколу години, туку долгорочно. Општината такаречи нема миграција. Дури некои поранешни жители се враќаат и ги реновираат старите огништа, организирајќи земјоделско производство не само за егзистенција, туку и за бизнис. Расте бројот на населението, особено на едуцираното. Последниве години се евидентира населување од други краишта. Дека регионот е атрактивен и надежен за живот сведочи подемот на наталитетот. Последниве години стапката на новородени е над 30 отсто, некаде и 80 проценти, а младите брачни двојки бараат урбанизирани локации за градба на индивидуални куќи. Локалната власт го стимулира создавањето семејства и проширувањето на фамилиите со парични донации за новоредените деца. Дека квалитетот на животот видно се движи по нагорна линија зборува и податокот што веќе е тесно и такаречи нема место да се згрижат децата на сите заинтересирани родители во неодамна отворената градинка за деца од предучилишна возраст. Општината веќе проектира нова предучилишна установа, а градоначалникот тргна по обезбедување средства за инвестицијата. Овие факти укажуваат дека е полн погодок стратегијата за развој на локалната самоуправа и дека претстои светла иднина за регионот.

Селото стана град

Кривогаштани е една од ретките рурални општини која веќе изготви седум урбанистички планови. Останати се без детални урбанистички планови селата Воѓани, Бела Црква, Боротино и Врбјани. Овие документи се темел за градба на инфраструктура. Локалните власти веќе обезбедуваат средства и за неурбанизираните да се изградат патишта, канализации, улици, тротоари, осветлување…, но и да се озаконат индивидуалните објекти. Обезбедени се дел од средствата преку Светската банка не само за планови, туку и за инфраструктурата. Во меѓувреме, се реновираа училишта, се очекува обезбедување лекар за обновената амбуланта за итната помош, а наскоро ќе почне реконструкцијата и проширувањето на регионалниот пат Кривогаштани –  Воѓани во должина од девет километри. Ќе блесне во светлина и патот во Славеј. Или досега се вложени во инфраструктурата околу три милиони евра. 

Развојот на земјоделството не е лесен без кредити и доближување до ИПА проектите. Со урбанизацијата е можна легализација на дивите објекти, која пак овозможува обезбедување гаранции за задолжувања кај банките.         

Loading