АНАЛИТИЧАР ВЕРУВАЛ ВО „ПОМАК“

ivce1Во весник го прочитавме следниов наслов: „Биолози од Европа истражуваат вилински коњчиња во Македонија“. ВИЛИНСКИ коњчиња! А што е тоа вила? Прво, голема, раскошна куќа надвор од градот. Тоа е едното значење. Другото значење се однесува на оној предмет кој најмногу се користи за собирање слама и сено. Има долга рачка, а на другата страна неколку рогови завиткани нанапред полукружно. Некои, со тоа име ги нарекуваат и САМОВИЛИТЕ. Сигурно е тоа под влијание на српскиот јазик. Србите, самовилите ги викаат ВИЛИ. Тој збор навлегол во нашиов јазик, па одбележан е и во некои речници. Кога не би имале наш збор, ајде, да го прифатиме. Но, немаме никаква потреба. САМОВИЛА е нашиот збор. Познат на сите. Според тоа, и оној инсект што лета ќе си го носи името САМОВИЛСКО КОЊЧЕ. Србите го викаат ВИЛИН КОЊИЦ, таму тоа си е во ред, но кај нас не треба да биде ВИЛИНСКО коњче туку САМОВИЛСКО.

Во весниците јазикот е нешто почист отколку на телевизиите. Но, еве, еден весник како да сака да го демантира тоа. Во него има рубрика – вицотека. Ќе цитираме еден виц. Краток е.

“Шеф и вели на плавуша: Исчисти го лифтот! Плавушата: На сите спратови?” Место да се насмееме, се изнервиравме. Очигледно буквален превод од српски. Заборавиле дека кај нас не е СПРАТ, туку КАТ. А ПЛАВУША е РУСОКОСА, макар што русокосите жени кај нас не се така прогласени за малоумни како ПЛАВУШИТЕ во Србија. Како и да е, во нашиот јазик никако не оди зборот ПЛАВУША, а често го слушаме и на телевизиите. Весник со репутација не треба да си дозволи вакви грешки.

Има и огласи и реклами. Тие се посебна (жална) приказна во нашите медиуми. Платете им пари и тие ќе ви објават или ќе ви отпечатат сé што сакате. Сме се јавувале кај определени редакции, но тие одговараат дека ваквите текстови не ги лекторирале. Ги печателе така како што ќе ги добијат. Ќе цитираме во целост еден оглас: “Ресторан во Скопје има потреба од кувари, салатери и садоперачи”. Ете им требале КУВАРИ. Тие ќе приготвуваат, ќе готват јадења и името им е ГОТВАЧИ, а не КУВАРИ. А дали се перат кај нас садовите? Секако не! Кај нас се перат само алиштата, а се друго се мие. Затоа, САДОПЕРАЧОТ е САДОМИЈАЧ. Ама ете, кај нас сега се перат и коли, па дури и пари се перат. За парите одамна сме го споменувале зборот ПРОМИВАЊЕ, наместо ПЕРЕЊЕ. Тоа не го измисливме ние. Тоа е предлог на компетентен лектор. А ние Македонците на сосема некомпетентен начин земаме туѓ збор. Земањето на туѓи зборови и не е некој голем грев, но ова во конкретниов случај не оди така.

Политички аналитичар прави анализа за политичката состојба во Македонија. Политичките партии се состанувале, а тој верувал дека ќе направат извесен ПОМАК. Срамота! Политички аналитичар! Србите (и Хрватите) од глаголот МАКНУТИ (помакнути се) си направиле именка ПОМАК. А што значи тоа? Зар ценетиот аналитичар не знае дека тоа е поместување, помрднување напред, правење чекор напред. Којзнае уште колку варијанти можат да се најдат за да се каже дека партиите ќе се придвижат малку напред. Ама нашиов аналитичар, сето тоа настрана, и тој – ПОМАК. Колку би било убаво кога би направил малку анализа и на својот речник. Не само тој. И сличните на него. И новинарите и политичарите. Колку би било убаво да направат мал “ПОМАК” во поглед на јазикот кој е главен алат во нивната професија.

Loading