СЕКОЈ УСПЕШЕН БИЗНИСМЕН ИНВЕСТИРА ВО РАЗВОЈОТ НА ДРЖАВАТА

Промовирана фондацијата Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

– Ќе се поддржува образованието, медиумите, здравството, правната и економската реформа и спортот

Sekoj biznismen mora da investira - Gjorgija Gjorg   AtanasoskiПромовирање на македонската култура и традиција и грижа за културното и духовното наследство е целта на Фондацијата “Ѓорѓија Џорџ Атанасоски”, која беше промовирана во хотелот Александар Палас во Скопје. Практично се унапредуваат досегашните хуманитарни и донаторски активности во Македонија и регионот на мецената Ѓорѓија Атанасоски.

Основачот на Фондацијата, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, смета дека владеењето на правото, почитувањето на човековите слободи и права, економскиот развој, толеранцијата за различностите, се столбовите на кои треба и мора да опстојува модерната држава. Според него, обврска на секој успешен бизнисмен е да инвестира во развојот на својата татковина.

– Општествено одговорна е борбата за заштита и негување на Македонското Сонце од Кутлеш како историски симбол и многу важно наследство за македонскиот народ. Ние, како Македонци, не смееме да се обесхрабруваме дури и тогаш кога битката за македонскиот национален идентитет, јазик и култура е долга, макотрпна, на моменти и фрустрирачка, како што тоа е случај во соседна Грција, како резултат на ирационалната политика на официјална Атина. Целиот мој живот и сите мои активности се насочени кон зачувување на уставното име, заштита и унапредување на македонскиот национален идентитет и грижа за сите Македонци кои живеат надвор од татковината – истакна Атанасоски.

Фондацијата ќе ги промовира македонската култура и традиција преку оформување владини политики и преку поддржување на образованието, медиумите, јавното здравство, човековите права и правата на жените, како и на социјалната, правната и економската реформа и спортот.

Od promocijata na fondacijata vo Aleksandar Palas– Ќе стипендираме најдобри ученици, студенти, ќе го потикнуваме спортскиот дух, но ќе го развиваме и претприемништвото кај младите преку едукативни програми и поддршка на мали бизниси. Ќе издаваме публикации, ќе организираме дебати и трибини за македонското културно творештво. Ќе ја развиваме етничката толеранција и ќе промовираме социјални проекти од интерес на заедницата. Ќе реставрираме стари градби, но ќе финансираме и археолошки истражувања – најави Николас Атанасоски, син на Ѓорѓија, директор на Фондацијата.

Фондацијата ќе иницира поддршка и ќе спроведува широк спектар на програми кои ќе ги опфатат сите Македонци и ќе се грижат за македонското културно и духовно богатство. Активностите ќе бидат насочени кон зачувување на уставното име на Република Македонија, унапредување и заштита на македонскиот национален идентитет. Целта е преку афирмација на богатото културно и духовно наследство на сите светски континенти да се заштити македонскиот национален идентитет, посебност и јазик.

На промоцијата присуствуваа многу поддржувачи на Атанасоски, бројни гости од општествено-политичкиот живот, меѓу кои и градоначалникот Марјан Ристески, претставници на дипломатскиот кор и црковна делегација.

Обраќање имаше и Славе Катин, авторот на монографијата, посветена на прилепскиот бизнисмен, донатор и филантроп, познат во светски рамки.      

Loading