ТЕМПЕРАТУРАТА СЕ СПУШТА НАГОРЕ!

ivce1Навистина многу нелогичности. Слушаме вести на некоја од нашиве телевизии. Навечер, околу дваесет часот. Во еден момент презентерката вели: “Рано изутринава се случи тешка сообраќајна несреќа”. Често слушаме вакви грешки, вакви нелогичности. Ако слушаме или ако зборуваме навечер, не може да се рече дека сообраќајната несреќа се случила ИЗУТРИНАВА. Ако е навечер, може да се рече ВЕЧЕРВА, може да се рече и попладнево, бидејќи тоа, попладнето е блиску до вечерта. Но, во ваква ситуација, во ваквото време (навечер) не може да се вели ИЗУТРИНАВА. Ова ќе го потврдиме и со архаичниот збор САБАЈЛЕ. Никој не би рекол (ако е навечер) дека САБАЈЛЕВО се случила сообраќајна несреќа. Секој ќе рече – САБАЈЛЕ, нечленувано. Често слушаме да се вели “Денеска претпладнето беше врнежливо” и тоа е грешка. Денеска ПРЕТПЛАДНЕ, а не денеска ПРЕТПЛАДНЕВО. Зборот САБАЈЛЕ го зедовме само напомош, инаку тој е архаизам. Точниот збор е ИЗУТРИНА. Затоа, ако зборуваме навечер ќе речеме дека ИЗУТРИНА, или уште поточно, денеска ИЗУТРИНА се случи тоа и тоа (а не изутринава или изутрината). Истото се однесува и за ПРЕТПЛАДНЕТО. Би рекле дека денеска ПРЕТПЛАДНЕ се случи таква и таква работа. Значи, ако се зборува навечер именките ИЗУТРИНА и ПРЕТПЛАДНЕ не смеат да бидат членувани.

А пак ако се зборува навечер, ќе речеме дека ВЕЧЕРВА беше тоа и тоа. Тука веќе никој не грешава. Именката ВЕЧЕРВА треба да биде членувана. Рековме дека тоа важи и за ПОПЛАДНЕТО, бидејќи тоа е блиску до вечерта (до моментот кога зборуваме) и треба да се вели ПОПЛАДНЕВО.              

Накратко: ИЗУТРИНА, ПРЕТПЛАДНЕ, но ПОПЛАДНЕВО и ВЕЧЕРВА. Се разбира, ако зборуваме навечер.

Зборуваме за нелогичности. Еве уште една. Слушаме емисија на радио. Во емисијата гостува извесна госпоѓа. Не слушавме од почеток и затоа не можевме точно да разбереме во какво својство беше гостинката. Но, се зборуваше за определени проблеми во градежништвото. Градби, дивоградби, урбанистички планови. Улогата на локалната  самоуправа во решавањето на таквите проблеми. Големината на општините како важен елемент за урбанистичкото решение. Се зборува за определена општина. Во еден момент гостинката вели: “Тоа е општина како една од најпоголемите”. Прво помисливме дека на госпоѓата случајно и се провлече грешка. Но, во понатамошниот разговор таа се повтори. Поредбените степени кај нашите придавки се: позитив, компаратив и суперлатив. Од придавката ГОЛЕМА ќе бидат – ГОЛЕМА, ПОГОЛЕМА и НАЈГОЛЕМА. За НАЈПОГОЛЕМА не сме чуле и не треба да чуеме. А мошне често слушаме една слична грешка кога мнозина велат НАЈПОВЕЌЕ, наместо НАЈМНОГУ. НАЈПОВЕЌЕ е толку нелогично, исто како да се рече НАЈПОМАЛКУ, наместо НАЈМАЛКУ. Значи: МАЛКУ, ПОВЕЌЕ и НАЈМНОГУ (не најповеќе).

Во многу жешкото време (а и во многу студеното) прогнозата за времето е мошне слушана. Се јавуваат тогаш и разни доктори кои даваат совети како треба да се однесуваме во тие ненормални климатски услови. Обично се вели дека хронично болните треба да продолжат со пропишаната терапија. Една докторка советува дека хронично болните требало редовно да ја ПИЈАТ ТЕРАПИЈАТА! Терапија значи лекување. Начин на лекување, па еве докторката ни советува да го ПИЕМЕ ЛЕКУВАЊЕТО!

Некои извештаи за временската состојба предизвикуваат дури и смеа. Информирани сме дека максималната температура ќе се искачи до 40 степени, а минималната ќе се спушти до плус 22 степена. Ова го слушаме многупати и од повеќе презентери, тоа е зборување малку напамет. Без да се мисли што се зборува. Како може температурата да се спушти до 22 степена? Ако е почетна точка нулата, оттука нагоре температурата се искачува, а надолу слегува, се спушта. Таа може да се спушти на минус 22 степена, а не на плус 22. Во случајов, треба да се каже дека минималната температура ќе се искачи до 22 степена. Без разлика на тоа што е минимална и таа се искачува и таа е високо над нулата.

Но, еве, нашиве метеоролози презентираат и некои нови закони од физиката. Според нив, температурата се спушта нагоре.

Loading