РОДОТ Е БЕНДЕМЕ

Паѓаат последните тутунски листови

– Тутунарите тријат раце, бидејќи висок е квалитетот, а и  квантитетот скокна со последните врнежи

Имало куртул од тутунот. Се ближи крајот на раното будење во зорите пред петлите да запеат. Се збираат последните листови од жолтото злато. Расцветале полињата со тутун, пупки наѕираат над веќе голите стебла. Нивите станаа небаре цветни ливади. Со крајни сили се трча во финишот на бербата. На прсти се бројат деновите за превиткување на снагата и на валкањето на прстите со туткал. Некои шутат, некои го сотруваат врвот и такаречи поминале пет-шест раце. Многумина веќе крчма направија, фајронт, па сучат зелник за куртул од маката и аирлија за ќарот. Дождот изненади и придодаде фазла род. Многу тутунари пак се вратија на нивите да го дособерат дарот божји. Некои се радуваат кога наима тутун, а други одвај чекаат да се спасат од “палежниот”. Велат годинашниот квалитет е далеку повисок од ланската реколта. Негдегоде имало и мали штети од градот во првите раце. Тутунарите се задоволни, оти родот бил поквалитетен, потежок и се надеваат дека подобро ќе биде класиран при откупот.

Низ полето полека, полека, исчезнува тутун. Потпрашавме некои од тунарите докаде е бербата и дали се задоволни од годинашниот квалитет.       

gorica1Сопружниците Горан и Горица Ѓорѓиоски се надеваат дека ќе успеат да го соберат тутунот додека не падне слана.

-Последна е, петта рака. Лани родот беше почурук, расипан од многуте вода, дождови и град двапати. И годинава, се оштети од градот, но ова што остана, се поправи, подобро се сушеше. Ист е родот, оти и декарите се исти, а со последниот дожд пушти повеќе лист. Подоцна е бербата и има колтук, особено од дождовите, мешано е, тек-тук и жолтее. Ако продолжи вака времево, ќе се расипе на скеле. Сега сушењето е проблем. До сланата, се надеваме ќе ги собереме сите листови на стеблото. Сега нема ред за берење, се бери цел ден. Се смачува. Откупот треба да биде поарен и цените повисоки, оти тутунот е поквалитетен, подобро се сушеше. Сигурно ќе извадиме тон и нешто – вели Горица Ѓорѓиоска.

 

 

lena2Семејството Атанасоски ги врват трите декари шестипат. Години врвчето го вденуваат на игла директно на нива. Уште стотина низи и крчма ќе прават.

– Шеста инсерција бериме. Врвчето го собираме на игли. Полесно е вака, оти ситно е, дома се растура, а и со редење в касетки нови сме. Тутунот е бендеме, небаре цел е за прва. Повеќе пушти лист ко заврна. Уште стотина низи ќе собереме. Веќе фати ладно и не се знае ред. Само да се добере. Дождов го подрасипа и болест јави, но и помогна. Нé куртули од наводнување. Очекуваме подобар откуп. Колку порано го предадеме, толку подобро. Ем ќе се куртулиме, ем, не калира и не губи во тежина. Од трите декари лани набравме 800 кг., а годинава може и тон да фатиме – вели Лена Атанасоска.

velentina3Велкоски втора година одгледуваат 15 декари со аргати. Задоволни се и се надеваат времето да подржи арно, оти ги очекува уште една недела берба.

– Ако беше суша. Има многу висок квалитет. Задоволни сме. Убав род собравме. Потера фазла, откако заврна два-трипати. Уште една недела и уште 300-400 низи ќе собереме. Мачно е, 15 декари не е малку, и со аргати. И откупот ќе биде подобар – кажува Валентина Велкоска.

 

 

 

 

 

rubin4Андоноски одгледуваат над 20 декари во Мажучиште. Бербата ја оценуваат за одлична, со оглед на тоа дека повеќепати го наводнувале тутунот, а и дождот им помогнал.

– Помалку насадивме и не стаса расад. Нешто имаме шутено и негде бериме врвче. Во просек го поминавме петпати. Береме втора рака на последниот расаден тутун. Многу декари се и не се стасува. Наместивме хидросистем и трипати сигурно вадевме. Задоволни сме. Само да задржи времето за да го собереме. Годината беше погодна и се крена квалитетот – вели Рубин Андоноски.

Се надеваат дека ќе го дособерат тутунот и на нивата на која втора рака берат.

Loading