КОЊАНИКОТ КРАЛИ МАРКО НА ПЛОШТАД

Се подготвува терен за споменик

До празникот на градот, Трети Ноември, ќе никне бронзен споменик со Крали Марко на коњ на централниот плоштад “Методија Андонов – Ченто”. Веќе се во тек подготвителните работи за постаментот.

 Дознаваме дека споменикот ќе биде висок окулу 3,5 метри, поставен на постамен во речиси иста димензија. При крај е вајањето во леарница во Скопје. Автор на делото е уметникот Војдан Запров од Скопје.

Локалните власти одамна донесоа одлука за поставување на споменик на Крали Марко, како своевиден амблем на градот под Марковите Кули.

Архитектите оценуваат дека со новото спомен обележје, не само што ќе се верификува вредноста на градската историја, подолга од еден милениум, туку и ќе се декорира и облагороди срцето на градот со посебно уметничко дело кое доликува на просторот.

Стариот мал споменик на Крали Марко, што со години го разубавуваше паркот пред новиот објект на локалната самоуправа, а потоа на плочникот во центарот, на местото од поранешната фонтана, е преместен во подножјето на Марковите Кули, на северната страна на Варош, покрај пешачката патека која води кон манастирот Свети Архангел Михаил. 

Loading