ДЕРБИ ЗА ПРЕПОЛНА САЛА

Ракомет: Претстои пресметката Прилеп – Пелистер

– Рецепт за разбивање на битолската одбрана

AngelovskiНема ниту мал вовед во првенството, туку веднаш се случува дерби. Најголемото соседско во ракометот, Прилеп – Пелистер. Не можеше да има подобар старт на сезоната отколку со овој меч, кој е в сабота (19 ч.) во салата на СОУ “Ристе Ристески – Ричко”. Претстои голема пресметка на двата засилени клуба со играчи од странство. Иако задоволителен е пласманот во златната средина, желба е влезот во плеј – офот, каде лани беше Прилеп, а не беше Пелистер. Годинава лигата е посилна. Секој бод може да одлучува. Затоа е значајно кој ќе ги освои првите есенски бодови.

– Големо дерби. Огромен е интересот. Очекуваме салата да биде претесна. Најавен е навивачки карван од Битола. Привилегија е ваков амбиент. Во кариерата немав можност да играм за Прилеп против Пелистер, туку само обратно. Како тренер посакувам успех – вели Томче Петрески, тренер на Прилеп.

Лутите ривали ги одмерија силите на пријателски мечеви. Прво во Битола победи Пелистер минимално, а на турнирот убедливо возврати Прилеп. Но, тие се само тестови и не се мерило. Вистинското допрва следи утревечер. Најважно е што сите првотимци на Прилеп се здрави и се на располагање во тимот каде се бара максимум. Во оптимистичка атмосфера се крои план за совладување на противникот. Се знаат силните и послабите страни. Тоа е очекувано затоа што Петрески е битолски зет. Одамна живее таму и до неодамна беше и на клупата од Пелистер.

– Најдобро оружје на Пелистер е одбраната. Ѕид од високи, корпулентни играчи, а зад нив добар голман. Ова се виде на турнирот против нас. Нема да налетаме на нивното најдобро оружје, туку да пробаме поинаку да го решаваме проблемот. Да напаѓаме порано, а не на поставена одбрана. Тоа е сегашната игра, мојата идеја за ракометот – појаснува Петрески.

Во Пелистер има искусни поединци, почнувајќи од голманот Арсиќ, потоа Топиќ, Маџовски, Макрудов, Даниловски, Николиќ, Илиевски… Во центарот на вниманието во последно време е младиот бек Дрогришки, кој на турнирот во Прилеп постигна 33 гола на три меча и беше најдобар стрелец. Домашниот Прилеп ги има докажаните Бозароски, Петкоски, Ангеловски, Ѓорѓиески, голманите Божиновски, Илиески… Надежта е и во странците Секулиќ, Турченко, Шаренац, Андреиќ, како и голманот Раичиќ, кој беше прогласен за најдобар на турнирот. Јунак врз јунак ќе налета во саботната вечер.

Влезниците како алва

Ќе бидат малку за цела Пелагонија, колку влезници и да се напечатат. За 50 денари, билетите се продаваа од средата. Пред натпреварот ќе останат малку. Капацитетот на салата е близу 500 седишта или 700 гледачи најмногу со оние за стоење.

Loading