ПОВТОРНО ЗА НОВИНАРИТЕ

ivce1Најчеста тема – НОВИНАРИТЕ. Пак тие. Па тие се најредовни гости во нашите домови. Tие не информираат за тоа што се случува во нашава земја и во светов! Беше актуелна жетвата. Од повеќе новинари слушнавме дека се собирало лебното жито. Дека се формирала откупната цена на ЛЕБНОТО ЖИТО. Па, драги наши, ценети наши, почитувани наши, уважени наши и којзнае уште какви наши, новинари! Зар уште не сфативте дека не постои жито кое не е лебно? Секое жито е лебно. Нема никаква потреба да се нагласува дека е лебно. Раката на срце, има и такви кои велат ЛЕБНО ЗРНО. Тоа е веќе во ред. Тоа е правилно, зашто има зрна кои се лебни, а има и такви кои не се. Не постои нелебно жито. За да ги оправдаме тие што не направиле грешка, што зборувале точно и правилно, употребивме израз – РАКАТА НА СРЦЕ. Тоа е правилното, а некои (мнозина) го користат српското – ДОДУША. Всушност, во српскиот јазик тоа гласи ДОДУШЕ, но ние ете, божем го помакедончуваме и го правиме ДОДУША, а тоа кај нас не значи апсолутно ништо. Раката на срце, една наша колумнистка се држи до “оригиналот”, таа пишува ДОДУШЕ. Во текстот се среќава и ДОДУША. Не знаеме кое го смета за точно, но и двете се погрешни и непотребни.

Друга новинарка во наш дневен весник прави репортажа за извесно семејство од валандовско. Насловот гласи : “Вредни земјоделци, рекордери на југот од земјава”. Заборавила новинарката дека на југот од земјава се наоѓа Грција. Ако напишеше – НА ЈУГОТ НА ЗЕМЈАВА, ќе разберевме дека се однесува на нашава земја.

Пишува новинарката за животот на тоа семејство од валандовско. Го опишува нивниот живот, нивните маки земјоделски. Обработувале луѓето земја. Од тоа живееле. Најмногу произведувале лубеници. Околу 10 хектари биле насадени со бостан. Меѓу другото, во весникот гледаме и фотографии од млада брачна двојка, производители на лубеници. Под фотографијата текст: “Во нивата има долги и округли лубеници со тежина од 4 до 16 килограми”. Така пишува. Пишува дека имало и ДОЛГИ лубеници. Не ќе да е баш точен ваквиот опис. Должината е карактеристична за краставиците но не и за лубениците. Лубениците можат да бидат ДОЛГНАВЕСТИ (долгманести), а не ДОЛГИ. Но ајде, да преминеме преку тоа. Да речеме дека тоа и не е некоја голема грешка. Но, новинарката пишува дека имало и ОКРУГЛИ лубеници. Е тоа е веќе грешка, голема! Зборот ОКРУГЛИ го нема во нашиот јазик. ТРКАЛЕЗНИ се лубениците, а не ОКРУГЛИ. Честа грешка. Во една пригода земавме некој документ од болница. Ни го дава сестрата и вели:

– Одете на шалтер да ви удрат округли печат.

– Молам? (се направивме како да не разбравме)

– Печат, печат! Да ви удрат округли печат.

– А зошто не тркалезен?- и велиме.

– Тркалезен, округли, исто е тоа, – вели сестрата дури и помалку нервозно.

А, се разбира дека не е исто и дека е погрешно да се вели ОКРУГЛИ печат. Дури и самата форма (округли) укажува како да е тоа во множина. Како ќе биде тогаш еднинската форма? Веројатно ОКРУГОЛ печат! Но, да не се занимаваме со збор што не е наш и што не ни треба. ТРКАЛЕЗЕН печат, тоа е точното.

Се заостриле словенечко – хрватските односи поради нерешениот граничен проблем. Слушаме опширен извештај на ТВ за овој меѓудржавен конфликт. Новинарката образложува надолго и нашироко. Зборува за острите реакции на Хрватска, бидејќи работите некако се одвивале во полза на Словенија. Словенците, наводно, биле мошне задоволни, зашто, како што вели новинарката: “Поголем дел од заливот ќе им припаднел на нив”! Во што е грешката? “Ќе им припаднел НА НИВ”! Во скопскиот говор ваквите грешки се редовни, но новинарите не смеат така. Реченицата треба да гласи – “Поголемиот дел ќе им припадне НИМ”, а не НА НИВ.

Од јазикот на новинарите треба да учат обичните граѓани. Но, практиката го демантира тоа.

Loading