КАКО МОМЧЕ КРСТАРИ ПО ПЛАНИНИ И ТЕРА ВЕЛОСИПЕД

Стеван Тодороски, планинар при крајот на деветтата деценија

1Уште една, и 90 години фаќа, ама Стеван Тодороски не се откажува од другарувањето со планината. Ем што ги крстари планините, вози и велосипед. Обработува и бавча. Најстар планинар е со над 65 години стаж. Нема гора македонска не проодена, нема планина не преорана, ридови и долини не преминати, реки и карпи не “прескокнати”. Каде не бил. Трчајќи совладува угорнини и врвови. Нозете му стапнале на Кожув, на врвот Солунска глава на Јакупица, на Китка. Неколкупати го “кутнал” и Кораб. Се воодушевувал на единственаната глетка на двете езера од Галичица, го испешачил планинскиот масив распослан во Западна Македонија. Ја познава секоја педа и на Селечка. Последен предизвик биле совладувањата на нагорнините додека стасал со колегите на манастирскиот комплекс Метеори во Грција. Не годините, туку неодамнешната повреда на колкот го сопрела да се впушти во ризична авантура. Жали што не пробал малку да ги совлада падините на Олимп. Страста и желбата да ги освојува височините, да се “бори” со карпите е посилна и поголема од товарот на годините, а и поради здравствените тегоби со повредениот колк. 

2– Планината ми го продолжува животот. Ме храни и ми дава да дишам со полни гради. Релаксација на очите и телото. “Горат” сите  сетила. Заљубеник сум во густите шуми и стрмните стени. И ноќе, логорскиот оган е незапаметено доживување. Тие ми даваат сила и здравје. Можеби затоа направив 90 години. Многу се движам, дури работам во бавча – со ќеф кажува Тодороски.

Првпат кинисал по планините во 1948 година, воодушевувајќи се на убавините на Козјак. И од тогаш, дали сонце грее или врне дожд или грми, се “бендери” во потрага по уште едно доживување, по уште една прегратка со планината. Активен бил во повеќе планинарски друштва, а во последниве години во Картуш. Планинскиот воздух му влегол во крвта на поранешниот општински службеник. Се “дружел” со планината додека работел, а сосема го “заробила” со пензионирањето. Одгледувал и тутун. Кога ќе се куртулел од купот лисја, одмор му нудела планината.

– Домашните ме премислуваа да не одам изморен, а нозете сами ме носеа во дивината и трчав кон планината. Се случуваше лете да прескокнам некој поход, ама есента и зимата кинисував за Мариово, и да врнеше снег до колена. Се дружиме секакви луѓе, учени и неписмени. Сé говори и арно, и лошо, а планината ни е една мајка. Може да биде маштеа кога врне и грми – кажува Тодороски. 

3Ги знае сите височини и падини. И скратени патеки. И каде е полесно, и каде има што да се види. Посебен елан има при качувањето на Михајлово, во кавадаречко Мариово. Тоа место му е на срцето. Ја сака шумата, високите буки, вишните елки, миризливите борови и немирните гранки на дабовите. Тие се декор на планината. Низ маршевите понекогаш имало “средби” со срни и елени и со по некој зајак. Низ патеките немало мечки за страв.

– Секоја планина има своја убавина. Нема неубава. И на Кајмакчалан, иако е голо, има раскошна природа. Милина се бујните планини. Од височините се восхитуваме и остануваме без здив од неоткриени и секогаш различни пејзажи – додава искусниот планинар.

Не успеал да ги заљуби домашните со планините. Тие само сакале раскажувања. Синот го однесол два-трипати на Козјак, да ја види пештерата на Дувовода, а ќерката откако е во пензија изразувала желба татко í да ја носи на планина.

– Низ планините никогаш не сум се повредил. Но, по 70 години во планинскиот рај, пред 2-3 години го скршив колкот, пред да влезам во автобусот. Се намалија способностите и немам толку кондиција и снага овие години. Подзастанувам со групата и се договораме каде да се чекаме. Не се откажувам. Дури ме држат нозете ќе одам по планини, до последниот здив – кажува Тодороски.

Признава дека му е понапорно по повредата, но силната волја не го издава.

слика 3

Loading