Куртул од поплави и вишок вода
Собирниот канал што ги поврзува Тризла и Варош, долг 1,3 км., после 2-3 децении, со партнерскиот проект на Локалната самоуправа, ЈП “Водовод и канализација” и UNDP е исчистен со што е зголемен капацитетот за сливање во Дабничка река. Градоначалникот Марјан Ристески изјави дека остануваат уште мали санации на каналот. Наскоро ќе продолжи втората фаза на канализационите системи, што е донација на ЕУ.
Од ЈП “ВиК” истакнуваат дека ќе се спречи изливање на водите по Тризла со чистењето на каналот.
– Се регулира надоаѓањето на големи води од Марковите кули. Приливите се зафаќаат и се одведуваат во Дабничка река – вели директорот на ЈП “ВиК”, Саше Николоски.
Со поставување на бекатон плочки и бетон, заминаа прашината и калта од дел од улиците “Дравска” и “Богомилска” во Тризла. Симнати се нервозите и маките на жителите при врнежли. “Дотерувањето” е дел од проектот за изградба на канализациони системи, финансиран од ЕУ фондовите и Владата.
– Улиците добиваат канализација првпат во историјата. Поголем дел од втората фаза на канализационите системи долги 47 км., е во Тризла – додаде Ристески.
ЈП “ВиК” промени околу 7,5 км. водоводна мрежа на улиците “Димо Наредникот”, “Цар Самоил”. “Козара” и “Кеј Први Мај”. Остануваат уште делови од улиците “Беровска” и “Тетовска”.
– Ги искористивме рововите и ја сменивме водоводната мрежа каде се поставува канализација. Обврска е со новата канализација, да се реконструираат десетина километри водоводна мрежа – вели Николоски.
Градоначалникот Ристески истакна дека процентот на азбестни цевки е сведен на минимум, скоро и го нема, со што се намалуваат и губитоците на вода.
Најпроблематичниот град за вода, стана пример за водоснабдување. Сменета е повеќе од 100 километри водоводна мрежа со донацијата од германската КФВ банка, Владата, локалната и ЈП “ВиК” во вредност од околу 10 милиони евра.
Не само канализација и пречистителна станица, градот ќе добие и комплетна внатрешна и надворешна инфраструктура.
Бекатон кај Тошев
Наскоро ќе се дотерува дел од старата чаршија за пристапот кон новата катна гаража и трговски центар и споменикот на Пере Тошев. Практично, тоа е продолжување на цветните патеки и уредување на просторот.
Градоначалникот Марјан Ристески најави дека активностите ќе почнат по завршувањето на тендерите.
– Централните улици ќе бидат покриени со нови бекатон плочки, украсени со хортикултура и осветлени со енергетски светилики – нагласи Ристески.