ИСТОШТЕНОСТ ЗА АТЛЕТСКО ТЕЛО

Александар Ристески, билдерот

– Вајано тело се создава со режим на живот, откажувања од многу задоволства и напорни тренинзи

risteski1За 23-годишниот Александар Ристески, бодибилдингот е стил на живот повеќе од седум години. Го вкусил задоволството на трофеите со освојување на првото место во категорија до 75 кг. на државниот натпревар. Веќе  интензивно тренира за нов предизвик и претензии на висока позиција. Вајаното тело уште повеќе го обликува да постигне форма  за триумф.

Како секој тинејџер, Ристески со 15-16 годишна возраст, наивно и понесен од љубопитство, тргнал на вежби да “напумпа” мускули в теретана. Другарите му го ставиле прекарот Билдерот, пред корпусот да ги добие денешните облини. Го дотерал до изглед  на неговото, природно добро градено тело.

– Со вежбањето, сé повеќе растеше страста и желбата за обликување на телото, надградување на физичкиот изглед, но и на карактерот и менталната свест. Го сакам бодибилдингот, оти ме отргнува од пороците и канџите на алкохолот, цигарите и наркотиците. Тренингот претставува благосостојба на телото, при што се решаваат проблеми и се фрла негативна енергија. Значи, дизајнирањето на телото не е само физичка, туку и психолошка подготовка за комплетно здрава личност – вели Ристески.

Активното занимавање со бодибилдинг го натерало секојдевно да открива и учи новини за овој спорт, кој, според него, е повеќе од “наклавање” мускулна маса.

– Неописливо задоволство кое треба да се доживее е растењето на мускулите. Креацијата на телото не е само кревање тегови и тренинг во теретана, туку бара многу труд, посветеност, трпение, дисциплина и подготвеност на умот за постигнување подобри резултати. Поврзаноста на умот со телото и внесувањето на целата енергија и концентрација во мускулната група доведува до напредок само ако имате визуелизација како сакате телото да изгледа и колку верувате во тоа. Исхраната е најважна, оти ние сме тоа што внесуваме во телото. Суплементите се само додатоци, кои помагаат поефикасно да ги оствариме целите – објаснува Ристески.  

risteskiУтринското трчање на празен стомак и правењето стомачни вежби, од постојаното внимавање на точен калоричен внес на јаглехидрати, витамини, протеини, минерали, суплементи во исхраната до тежински тренинг во теретана е секојдневие, кое се доживува сосема нормално. Процесот на градење и формирање на телото не е лесен и едноставен. Напротив, полн со многу жртвувања и откажувања, лишување од доста “слатки” задоволства. Патот до создавањето на атлетско тело не е послан со рози и готовност за режимски живот. Отсуствувала и поддршката од блиските, кои не го храбреле, туку го декуражеле, мислејќи дека трудот е залуден и празен. Финансиите биле единствена причина поради која понекогаш отсуствувал од теретаната. Работел лете да плати членарина или да вложи во исхраната. Кога стигнале првите резултати, сé повеќе бил бодрен од родителите, посебно од мајка му. Дури се грижеле и за неговата исхрана. Сега таа му е најголем обожавател и редовно му ги подготвува оброците, што често се шегува дека наместо со синот, оди на кафе со билдерот.

– Секој има желба за добар изглед и убаво тело, но не секој може да ги прифати и исполнува жртвите кои ги бара овој спорт. Тренинзите се долги и исцрпувачки, оти немам доволно енергија, а мозокот не функционира без шеќер. Исхраната е еднолична – варен ориз, варен или печен стек или риба ослич. Не се жалам, оти се чистам од шеќери, брзи јаглехидрати и масти. Потребен е и добар сон од најмалку осум саати. Се трудам да постигнам најдобра форма. Тоа е чистење на мускулатурата, согорување на вишокот масти и исфрлање на поткожната вода – додава веќе искусниот билдер.

Внимавајќи на исхраната, признава дека подлегнал на слатко- благо или на непотребно внесување на лоши калории, особено при стрес, за што подоцна се казнува со дополнителен тренинг. Додава дека вакви cheat meals, мамење со оброци, не си дозволува во последните 6-8 недели пред натпревар. Последната недела од подготовките му претстојат уште понапорни тренинзи, доведувајќи го телото во истоштеност и шок состојба со процесот на дехидрација, празнење од јаглехидрати, за да ја истенчи комплетно кожата и да дојдат до израз мускулните влакна.  

Loading