СМРТТА СЕ ПОБЕДУВА И СО СМРТ

Успение на Пресвета Богородица  

Денес е упокоена родилката на Животот. Редици прилепчани ќе тргнат кон манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец, кај Златоврв, да запалат свеќа за милост и здравје, да ја одржат вековната традиција да се поклонат на Мајката.

С’ржта на празникот е дека смртта се победува и со смрт. Во православните храмови, манастирските цркви, грмат слугите со Божји глас до небесни височини, за Неа, за Нејзините солзи, Нејзината љубов, тага, благочестивост, благородност. Се воспева Нејзиниот живот. Духовното опстојување низ лавиринтите на вербата, на милоста, на радоста… носена од бранот на реката на животот, која тече, се менува, со збор, со мисла, со дела. Следејќи го Синот, Била до народот, кроејќи сопствена легенда.

Отворени се портите за верниците, за љубопитните од секаде по верски објекти, по домови. Глас допира до сé и секого за Успението на Мајката Божја, за Благата вест, Воведувањето на Пречиста Дева, за Покров и Појас, за Собир во Нејзина чест, Успението, Благоречивиот дух… 

Господ, Којшто на Синај заповеда со петтата заповед: “Почитувај го таткото свој и мајката своја”, со Својот пример покажа како треба да се почитува својата родителка. Кога висеше на крстот во маки, се сети на Неговата мајка и покажувајќи на апостолот Јован, рече: “Жено, ете ти син”! Потоа му рече на Јован: “Ете ти мајка”! И така ја згрижи Својата Мајка и издивна. Јован имаше дом на Сион во Ерусалим, во којшто се насели и Богородица и остана да живее во него до крајот на Нејзините денови на земјата. Со своите молитви, со благите совети, кротоста и трпеливоста, Таа многу им помагаше на апостолите на Нејзиниот Син. До смртта помина во Ерусалим, обиколувајќи ги често местата што ја потсетуваа на големите настани и дела на Нејзиниот Син. Често одеше на Голгота, во Витлеем и на Елеонската Гора. Од Нејзините подолги патувања се спомнува посетата на Св. Игнатиј Богоносец во Антиохија, посетата на Светиот четиридневен Лазар, епископ Кипарски, посетата на Света Гора, којашто самата ја благослови, и бавењето во Ефес со Свети Јован, за време на големото гонење на христијаните во Ерусалим.

На старост често Му се молеше на Бога на Елеонската Гора, на местото на Неговото Вознесение, што порано да Ја земе од овој свет. Еднаш í се јави архангелот Гаврил и í објави дека по три дена ќе биде упокоена. Тогаш í даде една палмова гранка да ја носат при Нејзиниот погреб. Таа се врати дома со голема радост и посака во срцето уште еднаш да ги види сите Христови апостоли. Господ í ја исполни оваа желба. Сите апостоли, носени на облаци од ангелите, одеднаш се собраа во домот на Јован на Сион. Со голема радост Таа ги виде Светите апостоли, ги охрабри, ги посоветува и ги утеши, и по ова мирно го предаде Својот дух на Бога, без никаква мака и телесна болест. Апостолите го зедоа одарот со Нејзиното тело, од коешто излегуваше благоухание и во придружба на мноштво христијани го пренесоа во Гетсиманската градина, во гробницата на Светите Јоаким и Ана. По Божја Промисла поворката ја засолнуваше облак од злобните Евреи. Еврејски свештеник го дофати со рацете одарот со намера да го преврти, но во тој миг ангел Божји му ги отсече обете раце. Тогаш тој повика кон апостолите за помош. Беше исцелен, откако објави дека поверува во Господ Исус Христос. Апостолот Тома, повторно, по Божја Промисла, изостана, така да се открие нова и преславна тајна за Пресвета Богородица. Третиот ден пристигна и тој. Посака да го целива телото на Пречистата Владичица. Кога апостолите го отворија гробот, ја најдоа само плаштаницата, а телото не беше внатре. Вечерта Пресвета Богородица им се јави на апостолите опкружена со мноштво ангели и им рече: “Радувајте се, ќе бидам со вас навек”.

Не се знае точно на која возраст се упокои Богородица, но преовладува мислењето дека на крајот од овоземниот живот имала повеќе од шеесет години.

Појасот на Пресвета Богородица  

После своето Успение, Пресвета Богородица му го даде својот појас на апостолот Тома. Тој го пренесе појасот да се чува во запечатен ковчег во црквата на Пресвета Богородица во Цариград. Ковчегот не се отвараше до времето на царот Лав Мудриот (886 г. – 912 г.). Сопругата на Лав, царицата Зоа, душевно се разболе, и според некое таинствено видение посака врз неа да го положат појасот на Пресвета Богородица. Царот го помоли патријархот, па го отворија ковчегот, го извадија појасот и го положија врз болната царица. Таа веднаш оздраве. Во спомен на тоа чудо се востанови празник.

Дел од тој појас се наоѓа во Грузија, во Зугдид. И ќерката на царот Роман се исцели со помош на овој појас и подоцна, кога се омажи за царот Абухаз Грузиски, таа понесе дел од појасот со себе. На заповед од рускиот цар Александар I изградена е посебна црква во Зугдид, каде што се чува тој дел од чудотворната облека на Пресветата Божја Мајка.

Рождество на Пресвета Богородица

Пресвета Дева Марија се роди од своите стари родители, Јоаким и Ана. Таа по татко беше од царски, а по мајка од архиерејски род и со тоа го предобразуваше Оној Којшто од Неа ќе се роди, како Цар и Првосвештеник. Нејзините родители беа веќе остарени, а немаа деца. И затоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. И во својата скрушеност Му се молеа на Бога со плач, да ги израдува во нивната старост и да им подари едно чедо, како што некогаш ги израдува старецот Авраам и старицата Сара, подарувајќи им го синот Исак. И семоќниот Бог, којшто гледа сé ги израдува со радост што ги надминуваше сите нивни очекувања и најубави соништа. Бидејќи им подари не само ќерка, туку и Божја Мајка. Не ги озари само со привремена радост, туку и со вечна. Бог им даде само една ќерка, која подоцна им роди само еден внук.

Но, каква ќерка и каков внук! Благодатната Марија беше од Бога даруваната ќерка на Јоаким и Ана, прославена меѓу жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза на небесниот леб, кивот на светоста Божја, дрво со најсладок плод, слава на родот човечки, пофалба на женскиот род, источник на девственоста и чистотата. Родена во Назарет, а после три години одведена во храмот ерусалимски, од каде што се врати подоцна пак во Назарет, за наскоро да ја чуе благовеста на Светиот архангел Гаврил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од Нејзиното пречисто и девствено тело.

Иконата на Пресвета Богородица во Калишта

Во манастирот Пресвета Богородица кај селото Калишта кај Струга, Пресвета Богородица ја покажуваше својата сила и милост низ могубројни чуда. Мнозина болни беа исцелени чудотворно, а разбојниците што намислуваа да го ограбуваат или осквернат манастирот беа луто казнувани од невидлива сила.

Во храмот се наоѓа и чудотворна икона на Пресвета Богородица, а во близина има две исцелителни води, на Свети Петар и на Свети Ананија. Недалеку од главниот храм има пештера и во неа параклис посветен на Свети Атанасиј.

Loading