ЛОКАЛИТЕТИТЕ ОКОЛУ ДУЊЕ НАЈСТАРИ ВО МАРИОВО

dunjeСелото Дуње – од праисторијата до денес е содржината на шестото предавање на публицистот Тренчо Димитриоски во проектот “Древна цивилизација – запознавање со културата и историјата на Пелагонија, Мариово и Прекурид”. Според авторот, просторот околу селото бил населен уште од најстарите времиња. Потврда е еден од локалитетите, кој барем засега, се смета за остаток од најстарата култура во Мариово, односно остаток од населба од неолитот (новото камено време). Станува збор за локалитетот Прчинога, расположен на неколку стотици метри од селото. 

– Локалитетот располага со многу движни археолошки наоди – фрагменти од керамички садови, цедалки, камени орудија, орудија од кремен и сл. Следните културни периоди оставиле свои слоеви и траги. Бронзениот период е застапен на еден голем локалитет во близина на соседното село Вепрчани, Градиште. Располага со богатство од археолошки остатоци, меѓу кои и тврдина од праисториското време. Помал по обем е локалитетот Милошова Тумба, кој претставува врв со рамно плато, заштитено со ѕид од камен. Со разновидни културни остатоци застапени се и архајскиот, македонскиот, римскиот, доцноантичкиот и средновековниот период. На многуте епиграфски споменици се среќаваат имиња со потекло од времето на Илијадата на Хомер, имиња со бригиско и со македонско потекло, како и имиња со митолошко потекло. Тоа покажува дека може да се следи континуитет на култура од неколку милениуми – вели Димитриоски.

Најинтересен и најбогат е локалитетот Трпчева Црква. Од римскиот, доцноантичкиот и средновековниот период се среќаваат споменици на мермерна пластика, споменици со натписи, разни капители, парапетни плочи и друг вид археолошки материјал. Тука има и остаток од поголема христијанска градба – ранохристијанска базилика од 5-6 век, како и гробови во форма на саркофази, издлабени по карпите.

Loading