Се бара работник повеќе

Инвестициска офанзива

Гентерм обучува прилепчани во Украина за фабриката во Алинци

И Дрекслермаер претвора тутунари во работници

cekorМетеж млади чекаат интервјуа секој ден пред седиштето на американската компанија Гентерм во Прилеп. Врвулица народ од над 20 годишна возраст стои пред библиотеката, очекувајќи повик за интервјуа за работа во кавадаречката компанија Дрекслермаер. Тешки машини ги окончуваат работите на инфраструктурата на технолошко индустриската зона Алинци, каде наскоро ќе бидат поставени темелите на новата фабрика на Гентерм за производство на делови за автомобили. Се постила асфалт и во индустриската зона Прилеп 1. Домашни инвеститори градат седум – осум фабрики. Се очекува да никнат уште толку. Пет-шест купувачи на плацевите за градба на фабрики за лесна незагадувачка индустрија ја подготвуваат документацијата. Прилеп е во инвестициска офанзива.

По извршената селекција преку тестови и интервјуа, неколку стотина прилепчани повеќе од два месеци се на обука во украинската фабрика на Гентерм. Компанијата веќе распиша конкурси и за десет  стручњаци кои ќе ги водат производствените процеси. Во развојната зона  Алинци, Американците ќе градат фабрика на 20 илјади м2. Во првата фаза, погоните ќе се простираат на 6.500 м2, за инвестицијата од 20 милиони, евра, а во која ќе бидат ангажирани околу две илјади работници.

gentermРисто Најдоски, извршниот директор на регионалната стопанска комора, вели дека            кај бизнис секторот владее задоволство, бидејќи од стопанствениците никнала идејата за градба на зоната Прилеп 1.

– Бевме иницијатори, а локалната самоуправа ја поддржа идејата Веќе се гради. Допрва ќе се гради. Скептиците не веруваа, но финишира инфраструктурата за домашните инвеститори. Ќе има вработувања, а дел од фирмите ќе се преселат во нови, широки, модерни и погодни погони со современа технологија –  вели Најдоски.

Градоначалникот Марјан Ристески кажува дека продале 21 плац за фабрики.

zona1– Се асфалтира главната улица и претстои постилање на асфалт на споредните, на краците во зоната. Речиси е завршено поставувањето на канализацијата, струјата, водата, оптичките кабли… Од локалниот буџет досега вложивме околу 500 илјади евра, а вкупната инвестиција е еден милион евра. Продолжуваме со инфраструктурата на зоната Прилеп 2. Тоа се 10 локации за изградба на мали и средни погони – вели Ристески.

Паралелно, државата ги мотивира невработените на најразлични начини да обезбедат егзистенција. Последната мерка е обука за усовршување. Тоа е поддршка на невработените со несоодветно образование да се преквалификуваат или со пониско образование да стекнат знаења со усовршување во некои профили, а се потребни на стопанството.

– Ги подигнуваме капацитетите на невработените да ги зголемат можностите и да станат поконкурентни на пазарот на трудот. Така побрзо ќе најдат работно место – посочи Силвана Пашоска, директорот на Бирото за вработување.

Поголемите тутунари реагираат дека веќе нема работна рака за берење на тутунот. Не се прифаќа сатнина од 120 денари. Тутуноберачите не кандисуваат да берат за 150 денари од саат. Голем дел од невработените веќе се ангажирани во стопанството со новите мерки на поддршка на вработувањата.

Последниве години паѓа бројот на невработените.

Loading