Јубилеј – 50 години Општинска лига
Јубилејот 50 години на ОФС Прилеп се совпаѓа со формирањето на Општинската лига. Според кажувањата на Александар Цане Самарџиоски, постоеле малку клубови кога во 1965 година се родила идејата. Неколку биле во Битолскиот потсојуз од Кривогаштани, Обршани, Новоселани… Самарџиоски бил брашнар, со многу познаници и пријатели. Заедно со Стојан Богатиноски по селата агитирале за нови клубови. Така се формирала лига со 20 клуба.
Првин немало легитимации, туку регуларноста ја гарантирал рачно напишан список со печат од ОФС. Немало злоупотреби, оти сите се познавале. Се вкучиле и помали села, како Забрчани за кого се восхитувале, оти немало нити 20 куќи, а има 20 добри фудбалери. Немало стандарди за квалитетот на теренот или стативите. Важно било да се игра фудбал и населението да ужива. Дури се украле стативите пред мечот Долнени – Полет Слепче. Да нема одложување, се поставиле диреци и наместо греда – јаже, кое од дождот надолу подлегнало. Иако топката минала над него, судијата покажал гол. Никој не се бунел, оти било очигледно. Имало ентузијазам и голема љубов кон фудбалот.
![]()


