ВО СОУ “ОРДЕ ЧОПЕЛА”
Се реконструира спортската сала во СОУ “Орде Чопела”, со целосна дренажа за одводнување. За решавање на проблемот со атмосферската вода, ЛС обезбеди околу 400 илјади денари. Летово се реконструира и спортското игралиште за ракомет, кошарка и фудбал со подебел слој асфалт, со што се овозможуваат подобри услови за спортските активности на учениците.
– Се реши влагата со дренажата, цевки и шахти, со промена на јолуците и покривот на салата – вели Анита Ѓорѓиоска, директор на СОУ “Орде Чопела”.
Од први септември, часовите по спорт и спортски активности ќе се изведуваат на спортското игралиште со нов асфалт. Потребно е уште обележување. Игралиштето ќе се осветли со рефлектори за играње ноќе. Објектот ќе го користат и спортисти – аматери.
Ќе се средува и дворот на училиштето со бекатон плочки, паркот и паркингот.
– Претстои уредување на дворното место со бекатон плочки, зеленило и паркинг простор за возилата. Доколку се обезбедат финансиски средства од буџетот на ЛС и од Министерството за образование, или од донаторите, ќе се постави енергетски ефикасна фасада. Во училиштето последниве години се вложени повеќе стотици илјади евра – вели градоначалникот Марјан Ристески.
Од први септември учениците ќе имаат поквалитетен амбиент за настава и спортски активности.
![]()

