ДВЕ СРЦА ВО НОЗЕТЕ

ВРЕМЕПЛОВ – ТРАЈЧЕ БОШКОСКИ – ЧАЧОРОТ (1936 – 2010)

CacorotНасловот за текст за фудбалската фигура на Трајче Бошкоски -Чачорот секогаш побудувал дилема, дали тоа беше камиказе на теренот и кој многупати ја ставаше главата таму каде други фудбалери не би подметнале нога или челичен фудбалер кој не потклекнуваше ни пред една повреда. Играше со напукната коска на ногата. Изгледаше  како фудбалски сателит кој за кусо време ќе се најдеше на другата страна од теренот.

Беше цврст и енергичен со борбеност која се граничеше со фанатизам. Во дуели влегуваше храбро, без мисла за последиците. Незадржлив при излезите во нападот или карпа во улога на бек или центархалф. Топката можеше да мине, а играчот не.

Потекнува од Варошко маало. Тоа е расадникот на фудбалери од каде никнаа Атанасоски, браќата Лашкоски, со братучедот Илија, потоа браќата Гулески, Момироски…, кои години ги бранеа боите на Гоце Делчев, потоа и на Победа и 11 Октомври.

Со тренер Бела Илиќ дебитирал 1954 година против Караорман во Струга. Сефе бил со стандардните Келтаноски, Д.Ангелески, М.Костоски-Мешта, Д. Лашкоски, Гулески, Г. Лашкоски, Атанасоски, К. Трајкоски, И.Соколо ски, Р. Тренкоски и А.Камчески. Силна конкуренција.

Во кариерата во дресот на Победа, Бошкоски одиграл 417 меча и постигнал 11 гола, без многу пријателски натпревари.                                                                                                                                                   

Чачорот велеше дека не постигнувал голови или само малку, но  бил бедем во одбраната. Според новинарот Миле Талески, тој бил претставник на остра и темпераментна игра. Чудесно смел. Така и се повредил во Битола при што му била скршена челната коска. И пак се врати, но не се накрена по втората скршеница на потколеницата. 

Го споменуваше мечот со белградска Црвена звезда во 1961 година во Прилеп, која беше повеќекратент државен прваки кога била надиграна и победена. Ги паметеше полните трибини да ги видат многуте ѕвезди. А Победа негувала амбиции. Домашните биле инспирирани и гореле на теренот, “пикајќи ги гостите в шише”. Но, остана неостварен сон, желбата на прилепчани, нивниот миленик да го видат во првата лига. Напротив, отпаднал тимот од втората, и тоа со екипа на векот, како што велеше Чачорот. Причините ги гледаше во заминувањето на Јакимоски во Вардар, Димоски во Раднички Ниш, Цветковиќ во Младости и Малинков во Тиквеш.

Поради фудбалските рани, тој се збогува со фудбалската игра во 1967 година. На возрасни години велеше дека понекогаш му доаѓало да се соблече и да влезе да игра. 

Loading