ВРЕМЕПЛОВ – АТАНАС КАМЧЕСКИ – ГАНАТА (1921- 1990)
За Атанас Камчески-Ганата, повозрасните пријатели на фудбалот велат дека бил остра сабја на теренот, фудбалер кој немал милост кон противниците, задолжени да го чуваат. Со чудна леснотија ги решетел противничките мрежи од секоја позиција за гол, особено од левокрилната на која суверено владеел повеќе од една деценија.
Додека беше жив раскажуваше дека пред Втората светска војна фудбал се играло по маалата. Не се регистрирале клубови, оти немало терени, опрема. Скромниот и тивок човек од Ридот го паметеше маалото како расадник на фудбалери. Во градските екипи Југославија, Хајдук, Железничар и Македонија настапувал и народниот херој Борка Талески. Го паметеше како снажен, но одличен градител на играта. Со брат му Благоја Талески – Модерното биле носители на одбраната. Играле и браќата Ице, Цане и Димче Најчески, кои, подоцна, настапувале во Гоце Делчев – Победа.
Лесноногиот Ганата брзо го свртел вниманието кај четирите градски ривали. Најбрз бил Александар Самарџиоски – Цане, кој го довел во екипата што тој ја формирал. И не згрешил.
Ганата кажуваше:
– За Хајдук бев регистриран 1937 година, по смртта на левото крило Благоја Порјазоски. Фудбалскиот век го завршив на крилната позиција во Гоце Делчев – Победа – паметеше Камчески.
Самарџиоски велеше дека Ганата бил наизглед физички слаб, но цврст, брз, енергичен и борбен. Немало играч кој можел да му ја одземе топката и да го задржи.
Со тешкотии се играло фудбал, оти времето било сиромашно. Во битолскиот потсојуз, најмачно било патувањето за Крушево на гостување на Питу Гули. Товар било и одењето за Кичево со Напредок. Се патувало со саати со стари приватни “Фордови”. Се знаело кога се тргнува, а само Господ знаел кога ќе се врати екипата, оти патиштата биле заникаде.
Камчески по ослободувањето ги засилил редовите на скопски Работнички една година. Бил и репрезентативец на поштенската селекција на Југославија која учествува на Светско првенство во Белгија.
Трнлив бил патот од еден во друг клуб, особено за поштенските работници, како него. Но, буфтала во него желбата за Прилеп. Го паметеше првиот меч во дресот на Гоце Делчев. Тоа било дербито во Македонската лига со скопска Победа, сега Вардар.
Соиграчите го знаеле за динамичен борец. Противничките мрежи ги тресел со леностија. Бил “хранител” за голови на Тренкоски, Трајкоски, Атески, К. Здравески, Г. Лашкоски и Цицоски.
Поштарот бил пргав, остар, дури и груб. “Безмилосен” во дуелите. Му лежела груба игра. Молкум ги трпел ударите, но и враќал во потешка мерка. Бил бестрашен. Му се заканувале бековите, а тој ги “бричел” безкомпромисно и без пардон. Препознаен бил и од перото на карикатуристот Живко Козар, кој го нацртал со брич во раката.
Има малку документација во архивите за одиграни мечеви и постигнатите голови, оти не се водела евиденција. Колку што може да се најде, стои дека Камчески од 1950 до 1955 година одиграл 161 натпревар и постигнал 46 гола. Тоа било барем за половина помалку од реалноста.
Ганата живееше и почина со фудбалот, со Победа. Сакаше никогаш да не се повторат неправдите како за квалификациите за влегување во Првата лига во педесеттите години, кога место Победа, прволигашкиот леб го пробал Спартак од Суботица.
Со фенер од Крушево
Ја паметеше непријатноста при враќањето од Крушево со возачот и механичар Дроња. На “Фордот” му изгаснале светлата, а патниците ги зафатило страв и паника низ кривулестиот макадамски пат со серпентини. Автомобилот надолу се движел “наќоро”. На фудбалерите им висел животот крај мрачната провалија. Се сетил некој да го осветлува патот со фенерот што го имало во колата, на возачот да му се гледа за да го управува автомобилот. Успеале до мугрите да слезат безбедно од Крушево.
Драги Башески