Обично, целта ни е да регистрираме јазични грешки, но понекогаш вниманието го привлекуваат и некои други, подзаборавени или недоволно јасни зборови.
Прво, за една грешка. Државата ќе давала поволни кредити за отворање на сопствени мали бизниси. Се јавува извесна госпоѓа. Објаснува дека ќе отворела фирма во која ќе се произведувале рачно плетени работи. Ќе имало и рачно изработени чипки. Тука е грешката. ЧИПКИ! А зошто не ТАНТЕЛИ. Одамна познат и регистриран како норма во нашиот јазик. Раката на срце, потеклото му е француско, но тој влегол во нашиот јазик многу, многу одамна и се зацврстил. Не ЧИПКА – ТАНТЕЛА!
Пребарувајќи така во Речникот наидовме на некои зборови кои го свртат вниманието и одамна се во ретка употреба. Прво зборот (глагол) ТИШТИ. Во последно време тој обично се слуша со значење – притиска, измачува. “Ме тишти еден проблем” би се рекло. Но, тој има и друго значење – стиска, штеди. Не би можело да се поистовети со денешново штедење во банките, на штедни книшки. Повеќе се мисли на стегање, кусење од се по малку за да се собере нешто. Блаже Конески во “Мостот” ги има следниве стихови:
“Го думам како остана сирак,
во лулка уште, млад сокол сам.
Како сум тиштел, како сум збирал
за да го гледам, јас еден знам.”
Конески вели “Како сум ТИШТЕЛ”. Тоа е значењето. Човекот стегал, штедел, потсобирал од секаде, за да го гледа синот. Постои и збор ТИТИЗ. Има голема логика да се мисли дека тој е произведен токму од глаголот ТИШТИ (Не сме сигурни). Во речникот е објаснато дека тој збор значи скржавец, човек што стиска. Значи, што би се рекло, човек стисната рака. За големо изненадување, тој збор го сретнавме и во Речникот на странски зборови и изрази од Јанаки Стрезов (1818 – 1903) од Охрид. Објаснето е, речиси, исто. Јанаки Стрезов одбележал и друг збор, именка – ТИТИЗЛОК. И како што објаснува тој тоа значело СТИСНАТШТИНА.
За Јанаки Стрезов и за неговиот необјавен Речник на странски зборови и изрази, малку се знае. Можеби во некој нареден напис ќе се осврнеме малку пошироко.
Инаку, зборовите ТИШТИ и ТИТИЗ имаат турско потекло. Ретко се среќаваат во денешнава комуникација. Повеќе, онака, разговорно. Она другото значење на глаголот ТИШТИ кој се употребува со значење измачува, притиска, претпоставуваме дека во поново време е влезен во нашиов јазик. Не се сеќаваме да го употребувале некои од постарата генерација.
И еден друг збор не изненади со своето значење. Не сме имале досега такво сознание, а и не сме чуле некој друг да го знаел тоа. А кој е тој збор? Се работи за именката – ТАВЧИЈА. Во Прилеп доста употребуван збор, но се сомневаме дека му се знаело вистинското значење. Во Прилеп постои семејство (или семејства) Тавчиовци. Лично познававме човек (сега покоен) кој се викаше Перо Тавчија. Тој се занимаваше со изработка на надгробни споменици, крстови и други предмети од мермер. Сите во Прилеп го знаеа како Перо Тавчија. Претпоставуваме дека ретко некој го знаел вистинското значење на неговото фамилно име. И ние лично сме помислувале дека тоа е дојдено по некаков пат од именката ТАВА. Можеби некој од неговите предци се занимавал со производство на тави. Или, можеби, по некој друг пат, на некој од неговите постари му извадил таков прекар. Барем Прилеп е познат по тоа. Речиси нема човек кој нема прекар добиен на којзнае каков начин.
Но, ете, нашето изненадување беше големо кога осознавме дека именката ТАВЧИЈА значела – КАМЕНОРЕЗЕЦ. Значи, Перо Тавчија си го носел своето фамилно име според својата професија.
Зборот тавчија има турско потекло. Со тоа значење веќе не се употребува. Единствено го среќаваме како фамилно име – Тавчиовци.
Извинување до сите кои, евентуално, го знаеле ова, а за нас не било познато.
![]()

