СО “КИРИЛ И МЕТОДИЈ” ВО ЕВРОПА

Македонска праизведба првин на “Охридско лето”

catleПретставата “Кирил и Методиј” од авторот Јордан Плевнеш, во режија на Мартин Кочовски, која интензивно се подготвува во театарот “Војдан Чернодрински”, праизведба ќе има на 55-то издание на Фестивалот “Охридско Лето”, на 14 август, на Сцената Долни Сарај. По македонската премиера, македонско – словенечко – бугарскиот копродукциски проект, во кој настапуваат актери од три држави – од Македонија, Бугарија и Грција, а сценографот е од Полска, светската промоција ќе ја има во еден од најубавите театри во Европа, во Букурешт, Романија.

По 12 до 14 часа, дење и ноќе, траат пробите на проектот “Кирил и Методиј – Заштитници на Европа” од Јордан Плевнеш што театарот “Војдан Чернодрински” го реализира со продукцијата НЕТА (Нова европска театарска асоцијација), Љубљана и Сфумато театарот од Бугарија. Македонското министерство за култура финансиски ја поддржува реализацијата на проектот.

– Ова е вонреден проект на Центарот за култура и е значаен за репертоарот на театарот – вели Тони Чатлески, директор на “Марко Цепенков”.

По премиерата на “Охридско Лето”, претставата ќе се прикаже и во Европа.             

– Светската премиера е на 2 септември на Националниот фестивал во Букурешт. На 20 септември сме на фестивалот Експонто во Љубљана. За следната година, имаме неколку покани за европски фестивали – вели Стојан Дамчески, раководител на театарот.

Претставата ги ползува сите историски и релевантни документи. Треба да одговори на капиталното прашање: “Кои се, всушност, браќата Кирил и Методиј, заштитниците на Европа?” и зошто и по 1.100 години, двајцата светители по силината на својот дух и натаму се отворена мистерија за светската и научна јавност, поради нивната филозофија наречена цивилизација на љубовта и носталгија по единството.

– Пред 20 години еден полски продуцент ми се обрати со писмо да пишувам текст за Кирил и Методиј. Сонував дека ги видов облечени во средновековни одежди како шетаат по Петтата авенија, дошле во Њујорк со својата цивилизација за љубовта. Оттогаш почна да се пишува таа драма. Кирил и Методиј се двајца луѓе што денеска живеат и што можат да се претворат. Тоа беше таа магија за идејата за текстот- вели Јордан Плевнеш, автор.

Претставите кои досега режисерот Мартин Кочовски ги работел со прилепскиот театар биле систематски, “математички”, долго подготвувани, а оваа дава нов поглед.

– Публиката ќе ја осети емотивно, катарзично цивилизацијата на љубовта и ќе ја сфати носталгијата по единството како една хуманистичка, а не политичка идеја. Ќе биде интересно и возбудливо. Генералната идеја, мотото на претставата, како што тврди и авторот, е дека, од тука до Владивосток, се стигнува со едно “Добар ден”- вели Мартин Кочовски, режисер.

Костимите ги изработи Елена Иванова од Софија. Музиката е на Горан Трајковски. Сценограф е Јани Константиновски – Пунтус од Краков, Полска.

– Темата е возбудлива бидејќи траумите што се случуваат во Европа се големи, политичките настани се драстични, текстот е врзан со хуманизам и тоа на Европа и е најпотребно. Со целиот колектив сакаме да направиме драмата да свети – вели сценографот Јани Константиновски.

Актерот Ѓорѓи Јолевски од МНТ го игра ликот на Кирил, а Методиј е Игор Трпче. Останатите улоги се на Виолета Чакарова, Андон Јованоски, Димитар Црцороски, Наташа Наумоска, Ангела Наумоска, Александар Тодески, Димитрина Мицкоска и Илија Волчески. Владимир Ѓорѓиоски во овој проект е драматург на претставата и менаџер проект. Тука се и актерката Хриса Јоаниду од Националниот театар од Северна Грција, Марија Ѓаковска од Бугарија и актерот Здравко Стојмиров од Битола.

Премиерата на матичната сцена се очекува на 2 октомври. 

Loading