Летни активности на ОУ “Блаже Конески”
Се интензивира градбата на балон сала во ОУ “Блаже Конески”. Се очекува децата да влезат и да продолжат со псотигнување уште повисоки спортски резултати во повеќе дисциплини пред новата учебна година. Инвестицијата е на Тони Наумоски, поранешен фудбалер на ФК Победа.
Во салата ќе се изведуваат најразлични спортски активности и натпревари со цел да се прошири јакнењето на спортскиот дух низ здравиот раст и развој на младите генерации. На теренот во оградениот двор поставена е металната конструкција со инсталирана електрична и водоводна мрежа. Салата прекрасно се вклопува во просторот по препорака на секторот за урбанизам при локалната самоуправа. Секторот помага и во спроведувањето на втората постапка за добивање одобрение за градба уште на една фискултурна сала од мал тип во рамките на проектот 145 спортски сали на Владата и Министерството за образование и наука.
– Средена е документацијата, овластена е и проектантска куќа за електронската апликација. Останува да се добие финалното зелено светло и малата сала да се постави до балон салата – вели директорката на училиштето Марија Дулевска.
Во соработка со секторот за финансии при локалната се очекува согласност за промена на столаријата. Со тоа во значителна мера ќе се подобри топлотната и звучната изолација и естетскиот изглед на фасадата. Проектот вреди пет милиони денари и е изработен од ЈП за ПУП. Во 2010 година, со средства од УСАИД и локалната самоуправа, се трансформира системот за греење од тврдо на течно гориво. Во 2013 година се инсталира парно греење и во подрачното училиште во Варош.
Со сопствени средства, набавени се подни гранитни плочки со кои ќе се препокриен подот во ходникот на приземје со површина од 614 м2. Вклучувајќи ги претходно уредените подови на двата ката, се подобруваат здравствените, естетските и хигиенските услови. За сите активности се водат постапки со е-јавни набавки за постигнување најниска и најповолна цена.
При реализацијата на проектите, училиштето континуирано е поддржано од локалната самоуправа, односно од градоначалникот Марјан Ристески, претседателот на Советот м-р Никола Димески, подрачниот советник за образование Марјан Матракоски, раководителите на Секторот за финансии и за урбанизам, Драге Звездакоски и Илија Карески. За успешното тековно остварување заслужен е и менаџерскиот тим на училиштето, воден од директорката Марија Дулевска.
– Уредувањето на просторот претставува унапредување на условите за работа. Секогаш ќе се грижам и ќе дејствувам во насока на општото подобрување и на ифраструктурен, и на организациски и воспитно – образовен план, за доброто на 953 ученици и 85 вработени. Сé со цел да остане како благодет за сегашните и за идните генерации – додава директорката Дулевска.
ОУ “Блаже Конески” не запира, подготвува и е на чекор до реализација на други проекти. Постојано аплицира до многу фондови и повици.
![]()

