РОБ НА СПОРТОТ

ВРЕМЕПЛОВ – ВЕСЕЛИН ТОФОСКИ – БАТКАТА  1932 г.

veselinИ во деветтата деценија тлее и денес спортскиот жар кај Веселин Тофоски – Батката, зашто спортот е дел од животната преокупација. Роден е во 1932 година во Скопје, а преселен во Прилеп на двегодишна возраст. Запален вљубеник е на сите спортски дисциплини. Оставал по дел од младоста, робувајќи на фудбалот, одбојката, кошарката… Дури и ги афирмирал со “копање” по архивите и документите на клубовите. Ги вадел на виделина фрагментите од историјата да бидат патоказ на генерациите. Не исчезнуваат драгите минати години забележани преку новинарството и публикациите.

Средбата со спортот датира од 1939 година, на тогашното фудбалско игралиште во Прилеп.

– Во 1946 година играв кошарка на земјениот терен од сегашното ОУ “Кочо Рацин”. Подоцна и одбојка, ракомет и атлетика заедно со К. Каракашоски, Д. Петрески… – се наврати на дамнешните години Батката.

Условите биле сиромашни, дури и за финалниот турнир во одбојка на Македонија во 1949 година. Тоа биле предвестие на подемот на  ОК 11 Октомври. Бил и во ракомет на сегашниот Градски стадион.

– Немаше интерес. Младите и студентите повеќе сакаа фудбал. Се обидов и во пинг-понгот и атлетиката, но немаше можности. Само се импровизираше – се сеќава Тофоски.

Несудениот ракометар, одбојкар и кошаркар се определил за фудбалот во 1949/50 година под влијание на врсниците Наумоски, Чкатроски, Тодорчески и Чупетрески.

– Ме одведоа во Гоце Делчев, во екипата на помладите фудбалери, која ја тренираше Александар Самарџиоски. Ме прекомандуваа во Ударник, а дебитирав со Вардар и загубивме. За година-две бев соиграч на Келтаноски, Д. Костоски, Игњатоски, А. Гулески, Д. Лашкоски, К. Атанасоски, Г. Лашкоски, И. Атески, К. Трајкоски и К. Конески – Тутара. По враќањето од студии во Белград, право во Победа и останав до 1963 година. Одиграв повеќе од 150 меча – ја враќа меморијата Батката.

Се сеќава дека фудбалот се играл од љубов, а не заради пари. Се трчало и се повредувало за порција ќебапи и кригла пиво.

– Бранев за Победа, па понудата од Раднички од Ниш ја прифатив. Станав првиот професионалец од Прилеп. После пак дома поради смртта на татко ми. Следеа успешните квалификации за Втората лига во 1959 година. Ја победивме Приштина во гости со 1:0 и го запаливме градот. Нé пречекаа на железничката станица 10 илјади насмеани лица. Се повлеков во 1963 година – памети Тофоски.

Смета дека најмногу дал за Победа 1961-63 г. За две години бранел 70 натпревари и дал придонес за враќање меѓу второлигашите. Се збогувал од фудбалот во Неготино, кога доживеал тешка повреда. Го наследил Митриќески, како што тој дошол на местото од Келтаноски.

– Бранев фантастично. Најзаслужен бев за успесите на Победа против Спартак во Суботица, Раднички во Ниш, Слобода Ужице, а во Светозарево против Морава, домашните навивачи ми аплаудираа до влегувањето во соблекувалните. Ги воодушевив со мајстории да го зачувам голот – емотивно се навраќа голманот Тофоски.

Уште носи тага во душата за куп-натпреварот со Партизан во Белград кога примил 11 гола.

– Тренерот Стојан Богоески – Гајда ме праша дали сум подготвен и му одговорив потврдно. Бев виновен за многуте голови и што не дозволив Келтаноски да го одигра прошталниот натпревар – кажува Тофоски.

Според него, три-четири генерации на Победа на почетокот, и уште толку до осамостојувањето, го вивнале фудбалот. Придонес имале и дојденците Тотовски, Цветковиќ, Малинков…

Тофоски беше и дописник на Вечер, а од 1981 година ја барал историјата на прилепскиот фудбал да остави документи за сегашните и идни генерации. Во 1994 г. ја издаде првата книга за фудбалот во Прилеп од 1919-41 г., па после втората за периодот 1941-59 г. па третата за 1959-92, а четвртата виде бел ден во 2003 година.

Драги Башески

Loading