Ред карпет
Во бутикот Ред карпет на велешанката Марија Ристовска Костоска може да се најде буквално сé за жена, ем за малку пари, ем да изгледа модерно и во тренд. Прилепската невеста, првин кратко работејќи како професор во Гимназијата, завлегла во бизнис водите со трговија со текстил. Иако со диплома за политички науки, занаетот го печела седум години во Скопје, продавајќи пижами, женска облека, а пробала и со машка гардероба. Со враќањето во родниот град на сопругот и раѓањето на второто дете, се родил и бутикот за жени Ред Карпет. Инспирирана од хрватска емисија за мода, Костоска има замисла да направи комбинација за покажување по црвен тепих, од глава до петици за секој муштерија.
– Преродени сме откако се вративме. Прилеп е поубаво место за фамилијарни луѓе. Не е сé во заработувачката. Животот се одвива поспонтано и сé е достапно. Сé се завршува за пет минути – вели Ристовска Костоска.
Тргнала со помал ќар, да има поголем обрт. Ефектите биле веднаш видливи. Тесното дуќанче, скриено низ уличките во старата чаршија, не било проблем муштериите да го откријат. Го смениле и работното време. Наместо двосменски како чаршијата, со две вработени, од кои една е сопственичката, дуќанот е отворен цел ден. Жените кои се враќаат од работа наѕираат и купуваат.
– Силна е конкуренцијата, а дуќанот скриен во “забаталена” уличка. Се борам да ме научат. Се ориентирав на квалитет, а цената колку што може да е пониска – вели Костоска.
Во бутикот може да се најде буквало сé за жена. Во летен период од костими за капење, бижутерија, паричници, маички, здолништа, пантолони, до виндјакни за зима. Понудата на хеланки е со заштитен знак, оти по тоа се препознава дуќанот. Располагаат со асортиман и од македонски конфекции, кои држат до квалитет и со пристапни цени. Увезената од Грција и Туција има мала маржа.
– Избраното, гледам да вреди за парите. Евтиното некогаш може да биде поскапо. Не е само да се купи, а да биде партал и да виси во плакарот. Платеното треба да се изнаноси. Нашите конфекции нудат висок квалитет на материјалите. Нема полиестер, туку сé е природно – или вискоза или памук. Не се прават пупки, не се прават колена, а ако моделот е од ликра, ќе се носи со години. Облеката се здодева, оти се носи долго – кажува сопственичката.
Во тек се со модата. Се дотеруваат деца од 10 години до возрасни жени и баби. Следат списанија по интернет, грижејќи се за разновидноста на понудата. Како “дојденка”, прилепчани ја прифатиле и е задоволна. Муштериите í станале пријатели. Ја исполнува тоа што í ги бендисуваат сугестиите и нејзиниот вкус за облека. Секоја недела се освежува понудата со нови парчиња.
– Рецепт е посветеност и полн ангажман. Веднаш се осеќа ако се подзастане. Нé водат желбите на муштериите. Што се бара, тоа се набавува. Ќеф е кога ќе донесеш некое парче, а некој ќе го бендиса, ќе го облече и ќе биде задоволен. Чувствуваш дека те бидува – додава Костоска.
Поради квалитетот, цената, љубезноста и услугата, повеќето муштерии купуваат без проба. Не прават проблем ако не им се бендиса моделот. Враќаат и пари, што го нема во другите дуќани. И купувачите се чувствуваат како дома. Ги разгалиле муштериите од другите градови, и на некои не им се верува на етикетата на цените. Стартуваа и со сезонски попуст и сé е по 200-300 денари.
– Ретко муштерија да излезе без да купи нешто. Никој не е вратен. Работата е убава во една смена и имам време да се посветам и на децата и на домашните обврски. Се вади една професорска плата – вели Костоска.
Моделите што í оставаат впечаток и што смета дека ќе се трошат, им ги дава за идеја на конфекциите да ги изработат и сфаќа дека е полн погодок. Низ главата ѝ се врти отворање на мала конфекција со 5-6 вработени за потребите на дуќанот.
![]()


