ГРАДОТ СО НОРМАЛЕН ПУЛС

После невремето

parkГрадот функционира нормално по обилните врнежи од 40 литри на м2. Од невремето се поплавија подруми и придружни објекти во населбите Бончејца, Тризла и во центарот. Противпожарната бригада веднаш ја испумпа водата од поплавените визби, а екипите на ЈП Водовод и канализација и ЈП Комуналец со шмркови и цистерни го светнаа градот, ги испраа улиците од наносите песок и ѓубре и ја отнаа канализациската мрежа која не беше во техничка можност да ги прибере надојдените здивени води од сите страни на градот. И коритото на реката речиси се наполни и реката се закануваше со излевање во долниот тек. Со брзите интервенции на комуналните служби, такаречи за 24 часа не се препознаваа остатоците од невремето и водната стихија.

Граѓаните пријавија 135 случаи на последици, од кои 25 за поплавени подруми, објекти и приземни простории.       

Орхан Сулејманоски е благодарен што пожарникарите ја исцрпиле водата од поплавениот дом.

– Сé беше жива вода. Речиси сé се исуши со сончевото време. Се снајдовме неколку дена. Има штети, а од локалната самоуправа дојдоа да го проценат обемот на последиците од невремето – вели Сулејманоски.

– Комисија за проценка на штетите излезе на теренот да го утврди штетите од поројниот дожд – вели претседателот на Кризниот штаб, Никола Димески.

Прилеп одамна не доживеал да биде зафатен со огромни количества пороен дожд за кусо време како во понеделникот.  

Loading