ЧЕТИТЕ И ВОЈВОДИТЕ ОД КРУШЕВО МЕЃУ КОРИЦИ

Новинарката Елизабета Митреска и директорот на Историскиот музеј од Крушево, Зоран Богески се авторите на публикацијата “Крушево – град на музеите – Првата Република”, која беше промовирана во рамките на научно -културните средби “Десет дена Крушевска Република”. Според Митреска, Крушево е историја и приказна која секогаш се отвора како вонвременска книга. Со публикацијата низ фактите и приказните што се покривното ткиво на податоците, се добива слика за целосното битисување на Крушево.

– На 160 – тина страници, на македонски и дел на англиски јазик, се претставени седумте музеи, културните настани низ фактите, приказните и фотографиите. Да не биде здодевно четиво на редење податоци (всушност многу е пишувано и досега), туку да заинтригира за повторна средба со Крушево, пак да се видат местата, црквите, чаршијата, староградските градби, убавината на Коријата, на крушевските терени кои се белеат во зима – рече Митреска.

Историчарот и коавторот Зоран Богески вели дека книгата открива познати и непознати факти, приказни и фотографии.

– Првпат се претставени четите и војводите што ги дало ова славно место. Се надевам публикацијата ќе наиде на љубопитност не само кај крушевчани, туку и кај посетителите од земјава и странство – вели Богески.

Промоторот Никола Јованоски, писател и истражувач, смета дека книгата низ збор и фотографија е интересна читлива приказна за Крушево со научно и новинарско – репортажен стил поткован со историски аргументи.

Публикацијата “Крушево-град на музеите, Првата Република” ја издава Историскиот музеј од Крушево, а е проект финансиран од Министерството за култура.  

Loading