ЦАРЕВ ДВОР Е ДОЛЖНИКОТ НА ПОБЕДА

Фудбал: В среда стартува сезоната со Купот дома

– Лани со Металург изгинавме на теренот и ако така настапиме пак ќе дојдеме до победа – порачува Шаркоски

nikolaДолготрајните летни подготовки завршуваат и по седум контроли второлигашот Победа го чека в среда првиот официјален меч за Купот, дома со прволигашот Младост Царев Двор. Иако фокусот е врз првенството, добро е да се искористи шансата за афирмација во најмасовното натпреварување, во 16-финалето. Радува серијата од три победи по ред на тестовите против Турново, Новаци и Беласица, што навестува кревање на формата кога е најпотребно. Во пресрет на стартот побаравме мислење од универзалецот – бек, играч за врска и шпиц, Никола Шаркоски.

– Формата ја подобривме и вистинскиот лик ќе го има до најзначајните дуели. Екипата функционира, вклучително и нападот каде во последно време играм. Даваме голови и создаваме повеќе шанси. Можеме уште подобро во тој поглед – вели Шаркоски.

Не е класичен шпиц, а е од голема полза во нападот. Постигна два убави гола, прво со Новаци единствениот, потоа со Беласица вториот. Тој долго ќе се памети кај оние кои го видоа на стадионот и кај сите останати кои го погледнале на снимка. Станува збор за ремек дело, мајсторија. Топката беше остро центрирана кон пеналтикот, кога не сочека да падне на тревата, туку со најтежок потег, волеј удар, ја шутна неодбранливо во мрежата. Во минатото само врвни играчи како Магдески, Глигороски, Т. Наумоски, М. Стојкоски и уште неколкумина можеле да го изведат тоа и да ја воодушеват публиката.

– Постигнав еден од подобрите голови во кариерата. Го следев Гешоски, кој претрча двајца противнички играчи и одлично центрираше. Го сочекав и без размислување шутнав од прва – кажува Шаркоски.

В среда, гостин е Младост од Царев Двор, прволигаш и голем должник, “виновник” за ланското второлигашко отпаѓање на Победа. Може ли да се повтори подвигот со Металург, кога беше 3-2 пред празни трибини. Сега ќе има многу гледачи?

– Можен е триумф. Не сакаме да бидеме само учесници. Царев Двор го видовме на пријателски меч летово. Искусна екипа е, но не е подобра. Лани со Металург изгинавме на теренот и ако така настапиме, пак ќе победиме – порачува Шаркоски.

Списокот на Дарко Крстески е со двајца најнови, голманот Горан Трајковски (Работнички) и шпицот Христијан Тодоровски (Партизан Обршани).

Златен гол е 500 евра

Од среда влезот е со билети по 50 денари. Освен гратис кафе, најсреќниот навивач има две можности – да земе поскромна награда или од пенал да шутира во три одредени цели на голот, каде ако ја погоди највредната, добива 500 евра. Ако во играта “Златен гол” нема добитник, премијата се пренесува на наредното коло, кога се додаваат уште 100 евра.

Loading