БОЛКАТА НЕ СТИВНУВА, ОСТАНУВА ВЕЧЕН СПОМЕНОТ

14 години од трагичниот настан кај месноста Карпалак

karpalakНекои датуми и луѓе остануваат вечно во историјата. Пред 14 години на 8 август, десет прилепски припадници на безбедносните сили за време на конфликтот во 2001 година, го загубија животот кај месноста Карпалак на автопатот Тетово – Скопје. Конвојот бил нападнат од заседа. Згаснаа животите на Нане Наумовски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Горан Миноски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Велјаноски, Пеце Секулоски и Веби Рушидоски, сите од резервниот состав на АРМ. Болката по нив не стивнува, но останува вечен споменот кон бранителите кои ги дадоа животите за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија.

Одбележувањето на 14-годишнината од Карпалак почнува денеска со положување цвеќе пред спомен обележјето во кругот на касарната. Семејствата на загинатите, преживеаните од конвојот, членови на здруженијата, претставници од АРМ и Касарната и од локалната самоуправа, ќе ја посетат и спомен собата на загинатите во касарната. Во манастирот Св.Петка ќе се служи вечерна богослужба.

Утре, на годишнината од овој настан, како што е најавено, делегации ќе ја посетат месноста Карпалак. Во црквата Свето Благовештение ќе се одржи панихида во спомен на загинатите и ќе биде положено цвеќе на гробовите. Ќе се оддаде почит и пред спомен плочата на армиските резервисти кај спомен обележјето Карпалак.

Секоја година претставниците на здруженијата на бранители го повторуваат барањето што поскоро на Карпалак да биде подигнат споменик на загинатите бранители од прилепско, на кој би ги поставувале цвеќињата и би палеле свеќи, наместо тоа да го прават како досега на банкината од автопатот.

Преживеаните од Карпалак, семејствата на загинатите, владини делегации, од Министерството за одбрана и АРМ, од локалната самоуправа, преживеани бранители и политичките партии го чествуваат овој ден со достојна почит.

Пред две години беше откриен и големиот модерен споменик Прилепски бранители, лоциран среде кружниот тек на булеварот “Гоце Делчев” кај Основниот суд и ја симболизира вечноста на делата на сите прилепски херои.

Лани беше најавено осовременување со нови содржини и нови документи на спомен собата на загинатите бранители. Ќе се преземат активности за реконструирање во која покрај написите и сведоштвата за активностите на Петтата народно – ослободителна ударна бригада – прилепска, чии слободарски традиции ги негува прилепската единица, ќе биде опфатена и поновата историја и настанот кај Карпалак.

За семејствата останува болката, а за учесниците во конфликтот надежта дека ќе се исполнат правата на бранителите.

Градоначалникот Марјан Ристески, кој е еден од преживеаните од Карпалак, секоја година истакнува дека пожртвуваноста на загинатите соборци обврзува сегашните и идни генерации да го чуваат уставниот поредок на Македонија.

Сите ќе се поклонат на загинатите бранители, на Прилеп кој  отсекогаш бил дом на храбри луѓе, подготвени да го дадат животот да ја одбранат и зачуваат својата земја. Токму затоа, тие никогаш нема да се заборават. 

До Лениште по асфалт

Ќе се одржи и панихида во манастирот Св. Петка во селото Лениште. Лани, на комеморацијата, беше пуштена и водоводната мрежа во манастирот Св. Петка во селото. 

Годинава до овој манастир посетителите ќе стигнат по асфалтен пат што го изгради Локалната самоуправа.

Loading