Спелеолошки клуб Златоврв
Прилепскиот спелеолошки клуб Златоврв заедно со екипата на Bottom Time од Охрид на Галичица организираат спелеолошки камп со истражувачка цел. Ќе се потврдат досегашните сознанија за десетте пештери откриени на Галичица, ќе се истражуваат нови канали во познатите пештери и ќе се лоцираат нови вдлабнатини во планинскиот масив. Активностите ќе се одвиваат претежно на западната падина на планината, како и на платото на Галичица. Базниот камп ќе биде на брегот на Охридското езеро, во околината на кампот Љубаништа во периодот меѓу 4 и 9 август.
Љубителите на спелеологијата се исправени пред нови и недоволно истражувани пештери кои се многу интересни. Дел од нив се создадени од вода, некои од вулканска карпа, а некои од тектонски движења. Има пештери со лесни влезови, но и вертикални кои имаат тежок пристап и во нив може да се спушта само со јаже.
Спелеолозите од Златоврв се познати по добрата обученост и спремност за истражување. Располагаат со добра кондиција, ентузијазам и опрема за заштита. Алтернативниот туризам го подига адреналинот, особено сознанието дека си прв што влегува во некој простор кој е стар милион години и повеќе.
Галичица има потенцијал за развој на спелеолошкиот туризам кој е застапен во Словенија и Србија. Прилепските и охридските вљубеници во дупките во земјината кора сакаат заеднички да го развиваат нашиов регион за да стане топ дестинација.
![]()

