Хемилијана
Брачните партнери Данчо и Кристина Насески, после неколкугодишното крстарење по светот, се закотвиле во родниот град да ја бараат среќата во локалните бизнис води. Како “морнари”, работејќи на брод, почувствувале и поубави плати и можности, го прошетале светот, но останале тука откако им се родила ќерката. Се вратиле со идеја да ги вложат парите за нешто, за кое сите ќе имаат потреба. Маркетот за хемиски производи за домаќинството, токму според името на ќерката и намената, го крстиле Хемилијана – хемија и Илијана.
– Отворивме нешто што е неопходна потреба. Ќе се роди дете, нужни се памперси, влажни марамчиња… Алишта се валкаат, па потребен е детергент за перење. Тоа не е луксуз, туку потреба. Бевме скромни, ако не заврне, ќе капне. Не знаевме ништо, дури ниту да најдеме дистрибутери. Постепено стигнавме до пат да платиме кирија и да обезбедиме плата – вели сопственикот Насески.
Почетници се и уште учат. Година ипол во бизнисот, не е којзнае колкаво искуство. Се надеваат дека ќе бидат подобри. Не се вообичаени стопани, туку двајцата земаат по една смена, помагајќи си и надополнувајќи се еден со друг. Поарно им е отколку да бидат ангажирани кај некого. Работата не ја носат дома, а сметките ги решаваат на дуќан. Се трудат да бидат коректни кон муштериите. Ниту купувачите не одолеваат на љубезноста и насмевките со кои ги услужуваат, затоа и постојано добиваат пофалби.
– Тераме бизнис за себе. Задоволни сме. Тежок е секој почеток, но, ќе успееш, ако имаш амбиција и верба дека можеш да одиш понатаму. За секој бизнис треба време, очекувањата да се минимални, да нема разочарување и следење на потребите на пазарот – додава сопругата Насеска.
Поради пристапните цени и комуникативноста, кој влегол еднаш, се враќа пак. Со понудата на разновидни производи за нега на бебе и на домот, обезбедиле редовни муштерии – и од маалото и од подалеку. Нема нешто што не се троши од хемиската стока. Од памперси, до детергенти и средства за чистење. Внимаваат да се во тек со брендовите. Ако нешто недостасува на рафтовите, а муштериите го побарале, веднаш го набавуваат. Широка е палетата. Се најдува стока за поскромни џебови до поексклузивни продукти, за оние кои одвреме на време сакаат и имаат можност да земат нешто поскапо.
– Муштериите прават разлика. Секој бара поевтино. Затоа одиме со помала маржа, со пристапни цени за повеќе клиенти. Еврејски. Им излегуваме во пресрет, а и тие нам. Одговара да продадеме два производи со помала, отколку еден со поголема маржа. Филозофијата на дејноста е стоката да се троши повеќе, а не да стои на рафтовите. Потребни се повеќе вртежи на парите и поголема фрекфенција на луѓе – кажува Насески.
Интенција им е да се поинтересни со цените, да привлечат повеќе муштерии. Битен е пристапот. Ако бизнисот оди напред, подготвени се да отворат уште два-три дуќани и да се шират па и низ земјава.