Кавадарски прилепчанец – “топчија”

Бесплатна објава

ВРЕМЕПЛОВ – БЛАЖО МАЛИНКОВ (1934-2006г.)

Strav i trepet za golmanite - MalinkovРетко го носеле дресот на Победа фудбалери кои не никнале дома. Малку фудбалери биле ангажирани од надвор во шеесеттите години кога се амбицирало на повисок ранг на натпреварување. Во 1958 година, раководството на клубот го избрал кавадарскиот корпулентен фудбалер на републичкиот лигаш Тиквеш, Блажо Малинков, да го замени голгетерот Трајкоски.

Малинков, по првите фудбалски чекори со копачките и бубамарата во тиквешијата, го ангажирала Победа. После дури станал и прилепски зет. Пријателите на фудбалот го сметале и за сограѓанин.

Во дресот на Тиквеш дебитирал во 1952 година, а омилени места му биле улогите на центарфор, лева полутка и крило.

– Во Кавадарци гостуваше Победа. Се играше 1:1. На реваншот загубивме 1:4 и Победа стана Републички првак. Учествуваше во квалификации за Првата лига. Прилепчани имаа силен тим. Центарфор беше Цицоски, па Трајкоски – јасно се сеќаваше Малинков.

Блажо располагал со дар за цврст и сигурен чекор. Карпа не му била рамна, а левутката му била страшна, силна и прецизна. Топките ги упатувал кон противничките голмани небаре бомби. Секавично. Вратарите биле немоќни. Се држеле за главата по примените голови, не верувајќи дека топката фијукнала крај нив, а тие не можеле да го задржат ударот.

– Не ми беше тешкотија да ја надвисам гостинската одбрана и од 10-15 метри да ја зафатам топката со глава и да ја сместам во голот. Најомилени ми беа волеј ударите од 25-30 метри. Ретко промашував. Гледачите рипаа од местата, очекувајќи ја топката во мрежата – кажуваше Малинката, како што го викаа кавадарчани.

Не го заборавил мечот во Белград кога Победа отпаднала од Втората лига  1960/61 г. Жалеше што биле украдени, а вината ја носел белградскиот делител на правдата. После и во Прилеп со Нови Сад (0:0). Потребни биле два бода за опстанок.        

– Постигнав регуларен гол во 83 минута. Судијата Шкориќ го поништи погодокот. Никогаш не му простив. Имавме извонреден тим со тренерот Благоја Моша Марјановиќ – паметеше Малинков, кој после од тага се вратил во Кавадарци.

Дома ја продолжил кариерата како непрофесионален тренер на Тиквеш. После ги водел со успех Вардарски од Богданци, Борец од Велес, Ваташа…

Победа останала неисполнета желба. Мечтаел да седне на тренерската клупа, зашто за неа оставил 127 меча и 109 гола. Пред крајот на животот знаел да каже дека сакал да излезе пред прилепската публика и да игра со Келтаноски, Димоски, Бошкоски, Игњатоски, Д. Лашкоски, Крстески, Атанасоски, Г. Лашкоски, Тренкоски и Јакимоски.

Драги Башески

Loading